речник контакт

Гостување на претставите „Јас Селма“ и „ЗОО приказна“

Тие се во рамки на манифестацијата „Нов културен бран“, ќе се одиграат на сцената на велешки театар

Петар Печков

Во рамки на манифестацијата „Нов културен бран“ 2018 поддржана од Министерството за култура на сцената на Театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, Велес ќе гостуваат претставите „Јас Селма“ и „ЗОО приказна“.

Во недела, на 14-ти октомври, на Малата сцена на театарот со почеток во 20 часот, ќе биде изведена монодрамата „Јас Селма“ на актерката Симона Спировска, во режија на Милош Б. Андоновски и монтажа на звук на Сашко Потер Мицевски. Монодрамата „Јас, Селма“ е колаж од девет парчиња за бегалката од Дамаск и актерката Симона од Скопје: за нивната прва средба, за вљубувањето на Селма во едно момче од протестите, за (не)вклопувањето во скопскиот живот, но и за нејзината желба да замине од овде. Оваа претстава можеби и не зборува толку за Селма, колку што зборува за нас. Постојаното „губење“ на линијата кој е кој во претставата и дали говори актерката или бегалката, го нагласува нашето (не)прифаќање на сличностите што ги имаме со младата Селма.

Во понеделник пак, на 15-ти октомври, исто така на Малата сцена на театарот со почеток во 20 часот, актерот Здравко Стојмиров ќе го изведе перформансот „ЗОО приказна“, работен по текст на Едвард Олби. Оваа навидум комична приказна раскажана од забавниот, комичен, интелигентен и себеироничен лик-Џери, завршува трагично заради неговата ненадејна смрт кога ,,Питер’’ изреволтиран од него, несакајќи го убива. Човекот отфрлен од општеството е мртов човек. Стравот како оружје за себеуништување. Стравот на поединецот кон општеството и обратно. Дали убиецот е самиот поединец или општеството? Овој перформанс ја освои наградата за театарски експеримент на фестивалот за камерни театарски форми во Враца, Бугарија во мај 2017 година.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »