Петар Печков
Објавено: четврток, 10 март 2022
На почетокот на минатата година, беше најавено дека во кругот на фабриката за вар и каменоломот Превалец, „Техно Павер“, американската фирма „Орион МК“ планира да гради цементарница.
Тие за ова ја започнале постапката преку Министерството за животна средина (МЖСПП), бидејќи тоа е „А“ инсталација. Управата за животна средина на МЖСПП до Општина Велес, согласно Законот за животна средина, доставила барање на мислење за проектот – „Изградба на цементарница во кругот на каменоломот Техно Павер“.
За оваа најава ТрМр веќе пишуваше пред една година. Тогашниот градоначалник, Аце Коцевски подоцна во писмениот одговор кажал дека локалната власт не се согласува со таква фабрика, на таа локација. Ист таков одговор испратил и актуелниот градоначалник.
„Министерството за животно средина ме информираше. Мојот одговор е ист, само со различно име и презиме, како на претходникот. Не сум против инвестиции, но не на таа локација и со таа намена. На инвеститорите им кажав да отвориме дебата , да се најде соодветна локација надвор до градот. Сериозна е инвестицијата, со доста вработени., Но „Техно- Павер“и сега први доста проблеми и во Превалец и во населба Тунел, тој можеби е најголемиот загадувач во градот. Дополнително и да се постави најсовремена опрема како што инвеститорот уверува, граѓаните таму трпат и нема да прифатат“ - кажа градоначалникот Марко Колев.
Инвеститорот американска фирма „Орином МК“ планирал да вложи 300 милиони долари како инвестиција за фабриката и да вработи 300 лица. Жителите на населбите Превалец и Тунел, претходните години постојано реагираа на загадувањето кое го предизвикува фабриката за вар и каменоломот, поради што Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) на 14 ноември 2018-та година, издаде мерка забрана за работа на каменоломот.
Tweet |