Петар Печков
Објавено: петок, 04 јуни 2021
Денес беше пуштено во употреба новоизграденото езерце во Градскиот парк, нова содржини за велешани каде да го минуваат слободното време. Него го изградија вработените од ЈКП Дервен а градоначалникот Коцевски потенцираше дека таа нивна услуга е комерцијална, же биде платена.
„Ова место кое до пред извесно време беше прилично запоставено, некогаш беше култно место кое повозрасните го паметат по Црвенкапа, го претворивме во едно убаво катче во кое верувам дека ќе уживаат пред сѐ, најмладите, дечињата, а потоа и повозрасните, дека тука ќе се случуваат многу убави моменти, ќе никнуваат нови пријателства, другарства, се разбира и нови љубови“, кажа Коцевски. Тој апелираше до граѓаните да го чуваат просторот, урбаната опрема, езерото и птиците.
Езерцето се протега на површина од илјада м2, се користи природна изворска вода од околината, просторот околу него е хортикултурно уреден, урбана опрема, клупи, поплочени патеки а има и патки во него. Во вечерните часови просторот е осветлен. Инвестицијата е во висина од два милиони денари.
Градоначалникот ја најави дека ќе се реализира за Денот на општината 9-ти Ноември лани, но таа се случи седум месеци подоцна. Истиот овој простор во неколку наврати се обидуваше да го заживее пред 10-тина години тогашниот градоначалник Горан Петров, но урбаната опрема и бистите на Црвенкапа и седумте џуџиња секојдневно се кршеа.
Tweet |