Петар Печков
Објавено: недела, 02 октомври 2022
Претставата „Одисеј“ според Хомер, на Драмскиот театар до Пловдив Бугарија доби Гран при на Фестивалот на античка драма „Стоби“ како и наградата за режија за Дијана Добрева. Актерски награди ги добија Јелена Ѓукиќ како Клитемнестра и Ѓорѓе Татиќ како Агамемнон кои настапија во претставата „Ифигинеја“ копродукција на театрите од Колашин и Бијело Поље од Црна Гора.
Ова се одлуки на жирито во состав Ѓорѓи Јолевски, Билјана Драгичевиќ Пројковска актери и режисерот Дејан Дамјановски, кои ги донеле едногласно.
„Благодарам на жирито за наградите и на приемот од публиката. Вечерта кога ја одигравме претставата ми ја потврди моја мисла, дека една од најголемите цели на театарот е да ги обединува луѓето. Тоа што во Велес го доживеавме беше момент на многу љубов и на многу радост“ - кажа Добрева. Во претставата настапува бројна актерска и танчарска екипа и ја воодушеви велешката публика.
Добрева ја има работено претставата „Магбет“ на Албанскиот театар од Скопје а на Фестивалот „Скупи“ има гостувано со „Слугинки“ од Жане.
„Имавме можност на ова издание на фестивалот, да видиме прекрасни претстави, честитки за селекторот, кој направи исклучителен избор и не внесе во прекрасен театар свет. Тој наголемо задоволство на публика одекна со позитивна и убава енергија. Претставата „Одисеј“ која доби Гран при е голем спектакл со учество на 70 актери и во една неверојатна фантазмагорија го пренесе патувањето на Одисеј “ - кажа Јолевски, член на жирито.
Оваа претстава премиерно беше изведена во 2019-та година и беше дел до содржините на Пловдив Европски град на културата.
Во официјална конкуренција на фестивалот беа пет претстави, сите од странство и се одиграа на сцената на велешки театар, бидејќи античкиот во локалитетот Стоби се обновува. Одамна се нема случено, сите наградени да бидат присутни во Велес и ги примат наградите лично.
Во чест на наградените беше изведен балетот „Госпоѓиците од Авињон„ на Македонската опера и балет. Во придружната програма има 20 други настани, престави, промоции, изложби, дел од содржините годинашното издание на фестивалот „Стоби“.
Tweet |