Петар Печков
Објавено: вторник, 20 септември 2022
Граѓанскиот активизам во Велес исчезна, го снема. Десетина години ги нема невладините здруженија, да реагираат, да го кренат гласот, за здравата животна средина, за квалитетот на воздухот и водите, за демократски процеси во Велес.
Ако тие пред една декада го креирале јавното мислење, сега тешко се стигнува до нивното гледиште за проблемите во живеењето на велешани.
„Помниме време кога имаше граѓански активизам, па го снема. Сега повторно се јавуваат некои почетоци, кај некои здруженија. Во однос на некои минати времиња, сега е далеку послабо. Од граѓански активизам не се живее, може само да се преживее. Секому граѓанскиот сектор му е втора работа. Доживеа катарза и мислам дека се дига од пепелта. Некои од граѓански активисти отидоа во политика“ - кажа Дејан Ристов од Активо, организатор на трибината, на која се разговараше за граѓанскиот активизам.
Едно општество не може да се движи без граѓански активизам, кое е коректив на состојбите во средината. Често ова изјава ја користеа локалните власти, барајќи аргументирана критика за нивната работа.
„Короната сериозно влијаеше на животот, па и на граѓанскиот активизам. Исчезнаа дружењата, средбите, контактите, состаноците, не можеа да се организираат активности. Во овој период сите средства кои беа за граѓанскиот сектор скоро и ги немаше а без пари, нема активности. Волонтеризмот имам впечаток дека изумира, секој сака неговиот труд да биде платен“- рече Иванка Андовска од Друштво на родители за грижа за здраво поколение.
И додека останатите граѓански активисти со став дека граѓанскиот активизам во Велес го нема, екологистите од ЕД Вила Зора оптимистички велат работиме, иако малку се присутни во медиумите а нивните активности не се достапни за пошироката јавност.
„Не е дека го нема граѓанскиот активизам. Активности до медиумите нема, но активности има. Ние работиме, во градинките ќе местиме компостери за производство на хумус. За да не бидеме пристрасни, ја мониторираме корупцијата во Општина Неготино, а не во Велес“ - вели Сашка Коцевска ЕД Вила Зора.
Седум децении извидничкиот одред работи со младите, обидувајќи се да им ги отвори видиците за здрава животна средина, природата. Но примерите кои ги добиваат во јавноста ги обесхрабруваат младите.
„Неколку години по ред нема никакви средства за активности од локалната власт. Проекти имаме, ама пари нема. Потоа дел од активистите од градот заминаа во политика, очигледно таа е поисплатлива, отколку граѓанскиот активизам“ - вели Ангелче Гушев началник на ИО „Димитар Влахов“ од Велес.
Tweet |