речник контакт

Грнчарите пак го завртеа колцето на кое работеше Рацин

Грнчарите пак го завртеа колцето на кое Рацин во неговата родна куќа, кога не пишуваше поезија, го заработуваше тешкиот работнички леб. Обид за заживување на грнчарскиот занает или само желба да се врати некогашното значење на овој занает, вака може да се толкува одржувањето на првата грнчарска работилница во Велес

Петар Печков

.  Симболично таа се одржа во куќата на основоположникот на македонската поезија, Кочо Солев Рацин кој беше грнчар како и целото негово семејство. На двата стола од кој некогаш семејството Солеви изработуваа стомни, бардаци и друга грнчарија и  од тоа живееја, овој пат двајца велешани ги покажаа нивните умешности, кои за некого се и уметност. 

Борис Јанев половина век се занимава со грнчарството и зад себе има изработени илјадници земјени производи, обликувани за потребите на луѓето во секојдневната исхрана. Тој со глина се снабдува од нивата која Кочо Солев изработувал грнчарија а Јаневи подоцна земјата ја откупиле.    

  Веќе подолго време сме во фаза на преживување, тешко е едвај се скрпува крај со крај. Кинеската пластика не уништи. Произведувавме грнци за кисело млеко, врчви за вино и туршија, садови за чување на месото. Но сега евтината а неквалитетна стока  од Истокот ја исфрли од употреба грнчаријата, иако таа докажано  подобро ја чува водата или подготвува храната. Изработката на земјените производи е скапа работа и државата ако сака да опстанеме мора да помогне, за да не се случи по некоја деценија овој занает да замре – вели Борис Јанев најстариот велешки грнчар кој заедно со неговиот син Диме ја продолжуваат семејната традиција стара со векови.

Објаснува дека буковото дрво со кое се печат производите е скапо и бара барем тука државата да им помогне со некоја бенефиција, како што добиваат земјоделците. Исто така глазурата чинела многу пари, како резервацијата и тезгата на Градскиот пазар. Со задоволство се сеќава на златните времиња на неговиот занает, тоа било во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, кога не можеле да стигнат да ги задоволат сите барања на велешани, иако биле 16 души грнчари во градот. Сега на прсти ги броеле продадените грнчарски производи, летно време оделе тавите за подготвување храна, наесен бебе и капак за казаните за печење ракија, додека на пролет најмногу за Дуовден се трошеле бардаци и стомни кои тогаш се раздаваат за спомен на починатите.

Со горчина вели дека често се случува да се врати од пазар без нешто продадено и со без денар во џебот. Со квалитетна глина грнчарите од Велес се снабдуваат западно од градот, каде има големи наслаги на глина. Тие заеднички имале еснафски купено парцела земја, од каде копаат за да ја обликуваат во потребната форма.  Колку работат зборува и фактот што за цела година откопуваат и преработуваат еден трактор квалитетна глина. Стравува дека големите резерви на глина, за некоја година ќе нема кој да ги користи, занаетот да не изумре.

Грнчарството кај моето семејство е традиција, јас сум осмо поколение кој ја продолжува. Многу тешко се живее од овој занает. Кинеската пластика е скоро без пари а ние со нашите цени  не можеме да им бидеме конкуренција. Купувачите само да знаат колку пот вложуваме во производство на едно бардаче, сигурно нема да се жалат дека е скапо 50 денари. Но и натаму ќе продолжам со оваа работа бидејќи од тоа живеам и прехранувам семејството – вели Панче Недев.

Гурманите знаат дека тавче –гравче, елбасан тава, турлитава, полнети пиперки во земјена тава се повкусни, како што и водата е послатка кога се пие од бардак а не чувана во ладилник. Токму затоа невладината организација ,,Разбој,, се реши да ја организира грнчарската работилница.

Целта на оваа наша активност е афирмација на грнчарството како еден од најстарите и најзначајни занаети за Велес и пошироко и од оваа работа може да се живее. Се надевам дека работилницата ќе заживее и стане традиционална, што значи дека занаетот не изумрел. Како гости имавме грнчари од Куманово, Скопје, Радовиш кои меѓу себе можеа да се дружат и разменуваат мислење - изјави Гоце Станчев претседател на граѓанското здружение ,,Разбој,,.
                            

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »