Петар Печков
Објавено: петок, 09 август 2013
Годините и вековите минеле ама еден велешки производ останал обележје на градот. Тоа е стомната или бардакот. И денес по толку време тие се барани а ги произведуваат тројцата велешки грнчари. Но украсната керамика и некои мали ситни производи, се работат од две велешки граѓански здруженија, „Разбој“ и „Попи“ кои како сувенири ги изработуваат веќе две години. Нив ги има во повеќе македонски градови.
- Изработуваме етнолошки производи од глина, кои се карактеристични и автентични за велешкото но и македонското поднебје. Сувенирите се наменети за македонскиот пазар, за музеи од повеќе градови. Изработуваме бардачиња, стомни, опинци, плочки, керамитки, ибрици, сите се во мали димензии, за да можат да се постават дома како украс и не зафаќаат голем простор. Така ја збогатуваме туристичката понуда во земјава - вели Гоце Станчев од „Разбој“. Во тек се преговори сувенирите да се продаваат и во Музејот од Велес и спомен куќите на Рацин, Главинов, Џинот и Касапови, за да можат гостите и туристите кога ќе ги посетат, да купат спомен од градот. За овие две години како што работат забележлив е зголемениот интерес за сувенирите, кои се повеќе се бараат. Објаснуваат дека нудат висок квалитет и ниски цени. Ретко кој се бави со оваа работа, со изработка на глинени сувенири, така што постои голем интерес за нивните производи. Во оваа работа се вклучени пет лица, работат повремено кога има порачки. Меѓу нив е и дипломираниот технолог Снежана Петрушевска, која со нејзиното познавање на техниката на печење, на лиење дава придонес во создавањето на сувенирите.
- Печеме на електрични печки, со современи услови и изработуваме квалитетни производи. Создаваме грнчарски производи, кои го носат духот на Велес. Кога го пласираме нашиот сувенири, кога ќе слушнат дека е од Велес, веднаш го земаат. Знаат каква традиција и квалитет се нуди – вели Петрушевска од граѓанското здружение „Попи“. За изработка на сувенирите имаат и работилница во просториите од Хемиското училиште Димитрија Чуповски. Тука имаат и сушална, печка за печење, место за декорација. Земјата ја копаат од близината на селото Раштани, од каде своевремено се снабдувале и познатите велешки грнчари. За декорацијата на сувенирите се ангажирани две жени кои цртаат и пишуваат во зависност за кој дел или кој град на Македонија се наменети за продажба. Од лиењето на грнчарско тркало до завршувањето потребни се до пет дена.
- Работејќи овие години, навлеговме во грнчарството. Што глината ќе влезе под нокти, нема спас од неа. Останува човек заробен. Но чувството кога се работи со земја е нешто неописливо. Ова е уметност, не само занает. Да се твори од парче земја да се создаде креација. Мислам дека е потребно градот да го заштити, брендира грнчарскиот производ стомна или бардак. Тоа е заштитен знак за Велес, така не препознава цел Балкан. Треба ли да потсетам на Порцеланка, Киро Ќучук, Вила Зора дека сите тие произведуваа вакви производи, градот има вековна традиција. Секој турист кога доаѓа во градот прво што купува е грнчарнија – вели Станчев. За да се сочува овој занает тие организираат грнчарска колонија, издадена е книга и ЦД за грнчарството некогаш и денес, одржуваат обуки за заинтересирани лица.
Во велешко стомната најмногу се бара за празникот Дуовден, кога за спомен на починатите се раздаваат садови изработени од земја. Во минатото стомната била дел и од свадбарската традиција. Во понеделник, после свадбата се одело на „блага ракија“ кај свекрвата а пред новиот дом на невестата се кршела стомната со зборовите „колку парчиња, толку дечиња“. Патрон на малобројните грнчари во Велес е Св. Спиридон чудотворец, се празнува на 25 декември.
Tweet |