речник контакт

Грнчарството - занает што изумира во Велес

Панче ја обнови традицијата на Недеви.

Петар Печков

Од некогашните четириесетина грнчарски дуќани по кои Велес бил познат, денес останаа само три, а еден од нив го има 38-годишниот Панче Недев, кој по ликвидацијата на „Порцеланка“ му се врати на семејниот занает.

Водата е послатка за пиење кога се чува во бардак, наместо во ладилник, објаснува средовечна жена, која дојде на велешкиот пазар да купи од тезгата со стомни и бардаци на Панче Недев. Муштериката ги разгледува производите на Недев и продолжува: „Земјата ја држи водата природно ладна, особено лете, и е многу поздрава отколку смрзната во фрижидерот“.

Последните десетина години, 38-годишниот Недев често ги слуша овие муабети, бидејќи од грнчарските производи го вади лебот, откако по ликвидацијата на „Порцеланка“ останал без работа и бил принуден да ја продолжи семејната традиција.

- Јас сум осмо колено што се занимава со грнчарството. Пред мене и мојот татко и дедо ми и многумина пред нив се бавеле со оваа работа. Јас сега ја продолжувам семејната традиција - објаснува тој.

Иако во „Порцеланка“ работел како металостругар, сепак, тоа што како дете гледал како неговиот татко ја изработува керамиката, оставило трага и бргу продолжил со семејниот бизнис. Недев се гордее дека сите производи ги работи рачно, а не со калап. Голем е асортиманот во неговата грнчарска работилница во која се изработуваат тави, тавчиња, стомни, бардаци, прибор за печење ракија, вази, саксии... Од неодамна го проширил асортиманот со античка керамика -ќупови и амфори, кои биле многу барани.

- Секој период од годината има сезонски производ, кој е актуелен. Така за Духовден се купуваат стомни и бардаци, за Осми март украсна керамика, наесен прибор за печење ракија - објаснува младиот грнчар.

Во неговата работилница веќе се подготвени капаците, лулињата и другите делови неопходни за печење квалитетна ракија, кои ги барале муштерии не само од Велес, туку и од Тивкеш, Овче Поле и други места.

Процесот на нивната подготовка од изработка, сушење, печење трае околу месец и пол. Со глина се снабдува од нива што ја имаат кај месноста Рупи. За таа цел два-три пати годишно ја копа глината, која потоа ја чува дома. Недев вели дека стандардно преку целата година се барале домашните земјени тави.

- Тавче-гравче, полнети пиперки, елбасан-тава или турли-тава, подготвени во земјени производи се многу повкусни. Постојано готвам во земјена тава - вели друга жена, која дојде да купи производи од неговата работилница.

До домот на Недеви, кој се наоѓа до поранешната фабрика „Вила Зора“, лесно се стигнува бидејќи локалната власт поставила патокази. Како дете Панче гледал како оттука минуваат карвани, кои носеле глина за подготовка на грнчаријата. Но бидејќи бил најмлад, ниту татко му ниту сестрите не дозволувале да помага. Сепак фамилијарното наследство му дошло добро кога останал без работа. Малку време му требало да ја обнови традицијата. Вели дека тоа што го работи е уникатно и нема два исти производа.

- За оваа работа треба осет. Мене таа ми е во крвта. Главната работа е на колцето, кога се обликува производот. Иако имав понуди да заминам во Турција да спечалам пари, останав тука. Колку за една просечна живејачка се вади - вели Недев.

Летово неговите производи беа интересни за туристите што минуваа низ Велес. Тие најмногу купуваат украсна керамика. Од некогашните 40-ина грнчари, по кои Велес бил познат, денес останаа само уште тројца.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »