Петар Печков
Објавено: недела, 28 октомври 2018
Точно на 21 октомври, пред 40 години започна со свирка велешката група ,,Зрак,, Судбински на истиот ден по толку години составот се собра повторно заедно и имаа настап на Фестивалот на питата и виното. Времето и годините не влијаеле на нивното музицирање, па ги собраа аплаузите и поддршката од присутните.
Оригинална постава на групата Зрак беше формирана пред четири децении, освен мене членуваа и Гиго Петров, Васил Гемишев, Стојан Прпето. Претходница на групата беше составот ,,Тежок ден,,. Еве за Питијадата создадовме и наменска рок нумера, која премиерно ја изведовме. Ни требаа три дена да се увежбаме - вели вокалот Миле Ацков.
На сцената беше и велешката рок икона Гиго или Глигор Петров. Тој и денес е поим за велешани за рокер. Живее во Австралија а три месеци летово престојуваше во родниот град.
Беше убаво како дома, иако бев три месеци, летнаа како сон, за кратко. Дојдов во родниот крај за да се видам со пријатели, роднини. Настапив на Питијдата, имавме добар прием како група, беше супер. Музиката е мојот живот, нејзе и го посветив цел живот. Во Австралија сега одмарам, работев многу и моментално паузирам, доволно беше, имам уште две години за до пензија - вели Гиго, во препознатливиот рок имиџ, кој и натаму го задржа.
Тој е голем колекционер на гитари. Повеќето вредат со илјадници долари, квалитетни и вредни. Ги има повеќе од 30 и објаснува се е марка, до марка. Гиго прв во Велес донел оригинал соло гитара и тоа марка ,,ибанез стандард лес пол,, од Италија вредна три илјади марки, тогаш вистинско богатство. За жал повеќе ја нема, оти ја продал. Тоа негова пасија кон гитарата продолжува и денес, со квалитетните инструменти кои ги има дома. На нив свири за своја душа.
Имам две најдобри тоа се ,,Фендер стратокастер,, од 68 година, вредна најмалку 35 илјади долари. Имам и многу други гитари акустична ,,гуилд,, околу 6 илјади долари. Во колекцијата се и Јамахи, Редлик, Џипсон, Ибанез. Многу јака колекција со која се гордеам. Многу е вредна. Тука немав можност да набавам така квалитетни гитари, но таму имам. На времето отидов во Австралија да останам 6 месеци, останав 38 години Поздрав до велешани, гоооолееем пооооооооздрав – вели Гиго.
Се присетува на младоста и неговите свирки низ Велес, по кој го помнат постарите сограѓани. Иако дел од животот физички отсутен од градот, тој е тука во муабетите, по неговиот музички квалитет. Негов прв состав била групата ,,Магична крв,, во која биле и Боре Караколето, Орце и Ружди Жути.
Со групата со која свирев, имавме многу јаки свирки, се собираа по две илјади луѓе. Тоа и денес е голема бројка за таков простор. Беше престиж да се дојде на нашите концерти. Свирев хеви-метал, имав голема коса и бев несекојдневна појава за тоа време, вистински хипик од почетокот на седумдесеттите. Ме гледаа чудно велешани а потоа се навикнаа на мене. Жените не се палеа, туку колеа по нас - низ смеа вели Гиго.
Tweet |