Петар Печков
Објавено: недела, 10 јуни 2012
Телекомуникациските компании се соочени со слаб профит поради силната конкуренција и регулаторните притисоци. Затоа ги укинуваат големите поддршки од кои корисниците можеа евтино да купат најнови модели паметни телефони, се наведува во анализа на Ројтерс.
Двата најевтини мобилни оператори во Европа - Водафон и Телефоника, се одлучија да ја искористат Шпанија за тестирање на плановите за големите промени на моделот на работење. Телефоника во март објави дека во Шпанија нема да нудат дотирани телефони за новите корисници. Наместо тоа на корисниците понуди план за отплата ако сакаат да купат телефон. Водафон набрзо појде по Телефоника.
Во Франција станува омилен новиот мобилен играч Лиад благодарение на екстра ниските трошоци, иако на клиентите не нуди дотации за уредите. Фирмата кон средината на јануари ја пушти во работа својата услуга фри мобајл, која не нуди никакви дотирани телефони. Но и покрај тоа успеа за кусо време да привлече 2,6 милиони корисници, благодарение на понудата на неограничени услуги по многу ниска претплата. Директорот на маркетинг на операторот СФР проценува дека наскоро 30 отсто од светското население на тој начин ќе ги користат услугите на мобилната телефонија.
Според аналитичарите, намалувањето на дотации за телефони не е без ризик и сигурни се дека тоа нема да остане за секогаш. Дотациите помагаат на компаниите со помош на договор да го обврзат корисникот на подолго време. Нивното ограничување така ќе значи дека луѓето ќе можат да одат кога и да посакаат. Тоа е модел кој може да го зголеми профитот на операторот, но од друга страна, се заканува загуба на корисници во време кога Европа се соочува со рецесија.
Промената во политиката на дотирани телефони може да наштети на производителите на паметни телефони, посебно на фирмите Епл и Самсунг, на кои производите им се најскапи.
Азиската брокерска куќа ЦЛСА проценува дека лани 42 отсто приходи на Епл биле од продажба на телефони на операторите, кои ги нуделе по пониска цена. Така и на Нокиа која планира враќање на пазарот на паметни телефони, ќе и треба маркетиншка дистрибутивна поддршка од телекомуникациските оператори, ако сака нејзиниот нов модел лумиа да биде конкурентен на ајфон.
Во недостиг на дотирани уреди, луѓето ќе даваат предност на евтините модели со андроид, какви што ги нудат кинеските производители. Тие чинат од 150 до 300 долари, додека моделите на Епл или Самсунг чинат од 600 до 800 долари, додава Ројтерс.
Според агенцијата Бернштајн рисерч, лани трошоците на телекомуникациските компании во Европа за мобилни телефони биле двојно зголемени, на 13 милијарди евра. Тоа значи дека фирмите потрошиле повеќе за телефони отколку за модернизација на мрежите на мобилната телефонија
текстот е преземен од Танјуг - Белград
Tweet |