Петар Печков
Објавено: сабота, 13 јули 2013
На гробиштата од Црквата Св. Пантелејмон во Велес, близу до приодниот пат, од лево се наоѓа гробот Андреја Дамјанов (1813 – 1878) на градителот на бројни македонски храмови . Гробот е мал, камен, необележан,. Тако големиот мајстор на градбата сакал да остане безимен, оти неговиот завет бил,, мајсторот по делата се познава,, на неговиот гроб нема никаков знак и име. Неговите дела освен во Македонија се ширум Балканот, ги има во Србија и Босна и Херцеговина. Со повеќе од 40 цркви тој е меѓу најплодните но и најпознати градители на територијата на Балканот . Дамјанов е најпознатиот мајстор на градежништвото во Македонија во 19 век, за што е одликуван и од турскиот султан.
Во негова чест највисокото архитектонско признание се доделува за најдобро дело од архитектурата во Македонија. Годинава се одбележуваат 200 години од раѓањето во 1813 година во велешкото село Папрадиште, каде се доселило мијачкото семејство Дамјанови кое води потекло од Рензовци. Точниот датум на раѓањето не е познат, ниту денот на смртта, но затоа е познато делото кое зад себе го остави Дамјанов.
Тој, во неговото градителство, бил под дејство на општите погледи и правци на една, во суштина патријархална средина, која била претставник на православната балканска култура и на нејзините обиди да се сообрази кон тековите на новата европска цивилизација. Личноста и делото на архитектот Андреја Дамјанов во голем дел се под влијание на општествените, културните и духовните карактеристики на средината во која растел и творел. Особено влијание имал од неговото семејство кое дало голем број на познати македонски мајстори – градители и зографи. Делото на овој наш архитект познато ни е врз основа на сочуваните објекти, претежно црковни, како и од плановите и фотографиите, кои ни говорат за вкусот и можностите на тогашното општество – изјави Ангел Ситновски архитект.
По повод 200 годишнината од раѓањето на Дамјанов членови од Асоцијацијата на архитекти на Македонија денес, сабота го посетија неговиот гроб и положија цвеќе а се одржа и панахида.
Андреја Дамјанов е голем градител на просторот од Балканот, го помниме по тоа што оставил. Затоа потребно е да се воведе награда за Балканско архитектонско дело оти тој градел низ цел Балкан но и да се изгради споменик во Велес, каде тој се упокоил. Така ќе го одбележиме човекот кој е најмаркантна фигура до своето време – изјави Трајко Димитров, архитект од Скопје.
Андреја Дамјанов се смета за ненадминлив градител на сакралани објекти на Балканот. Освен што е мајстор за градење на цркви, тој се бавел и со зографство. Така во иконостасот на црквата Св. Пантелејмон во Велес е сочувана иконата со потпис на Андреја од 1848 година а на неа е насликан Св. Тома. Освен храмови тој градел и други објекти. Така додека во Сараево ја градел црквата Св. Тројца, изградил и голема касарна. За турскиот аскер и ја поправил Саат кулата во градот. За касарната изработил макета од дрво, која лично отпатувал во Цариград кај султанот. За ова воодушевен турскиот владетел го одликувал Дамјанов со орден и му дал право да носи сабја.
На Дамјанов не сме му го дале вистинското место, колку тој значи за Македонија. Тој создал огромно национално богатство, кое и по толку време на не одржување опстојуваат и се белег на нашето постоење. Неговата работа е пример како помладите архитекти треба да работат, како тој се организирал – вели Станка Амбаркова архитект од Велес.
Tweet |