Петар Печков
Објавено: среда, 10 јули 2024
Два големи пожари регистрирани се во велешко . Првиот регистриран е кај Венуле, близу Црквино. Вториот е кај Горно Оризари. Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во моментов има активни два пожари на територијата на Општина Велес.
„Првиот е активен од 9 јули од 16.30 часот помеѓу селата Отиштино и Оризари каде гори сува трева и трње на голема површина. Гаснат четворица пожарникари со едно противпожарно возило. Вчера попладне интервенирале едно возило и 4 пожарникари, кои подоцна биле засилени со уште едно возило и тројца пожарникари. Вториот пожар е активен од 10 јули од 01.15 часот и е помеѓу селата Караслари и Црквино – над месноста викана Венуле. На овој пожар покрај сува трева гори и шума. На лице место гаснат четворица пожарникари со едно против пожарно возило од ТППЕ Велес. Во локализрањето на овој пожар се приклучиле и две возила и шестмина пожарникари од ТППЕ Кавадарци“ – информира Горан Стојановски раководител на Сектор за операции и координација (СОК) во Центарот за управување со кризи.
Побарана била и воздушна подршка од страна на градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, за која во координација со Хеликоптерската единица во МВР поради извршување на оперативни задачи за потребите на МВР се процесуира после 12.30 часот, веднаш кога се ослободиле хеликоптерите. Врз пожарот кај Црквино, дејствува хеликоптерот „бел 412“ (bell 412) на Хеликоптерската единица на МВР.
„За пожарот кај Венуле се известени ЈП Македонски Шуми ШС Бабуна – Велес, но бидејќи вработените не биле осигурани, немале гориво за возилата, истите не биле исправни и регистрирани возила, тие не излегуваат на терен да го гаснат пожарот “ – дополни Стојановски. Со ваквата состојба била запознаена и Дирекцијата за заштита и спасување.
Регионалниот ЦУК Велес информира дека има пожар на отворен простор кај селото Пепелиште, каде што во почетокот гореле сува трева и нискостеблеста шума. Но, според последните информации од терен, пожарот се проширува кон планината Серта.
На терен се присутни екипа од територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Неготино со 8 пожарникари и 2 ПП возила и претставници од воениот полигон „Криволак“. Според нивна процена постои можност за разгорување на пожарот со тенденција да се прошири во правец на планината Серта.
Градоначалникот на Неготино достави до ЦУК барање за асистенција од хеликоптер - за воздухопловна противпожарна (ПП) поддршка на ПП силите коишто дејствуваат по земја.
Tweet |