Никола Солев
Објавено: недела, 26 февруари 2006
Македонија денеска одбележува две години од смртта на претседателот Борис Трајковски, кој на 26 февруари 2004 година заедно со осуммината соработници загина во авионската несреќа во близината на Мостар. Годишнината од смртта на Трајковски државата ја одбележа во Македонија и Босна и Херцеговина. Семејството Трајковски и државна делегација, предводена од претседателот Бранко Црвенковски во чиј состав беа и потпретседателот на Собранието Гзим Острени и вицепремиерот Минчо Јорданов, положија венци на гробот на претседателот Трајковски во Алејата на Великаните на скопските гробишта Бутел. Венци положија и делегација на АРМ, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Мирослав Стојановски и делегација на Дипломатскиот кор во Македонија. Сите граѓани кои сакаат да му оддадат почит на претседателот Борис Трајковски можат да се приклучат во чинот на полагање на цвеќе во текот на целиот ден. Македонската државна делегација во Босна и Херцеговина, ја предводи претседателот на Собранието Љупчо Јордановски. Делегацијата положи свежо цвеќе на спомен обележјето на местото на авионската несреќа во која животите ги загубија претседателот Трајковски и неговите соработници. Заедно со претседателот загинаа, советниците во Кабинетот, Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан-Лозановска, Миле Крстевски од МНР, членовите на обезбедувањето на претседателот Борис Велинов и Аце Божиновски и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски Извор: [url=www.makfax.com.mk/look/agencija/article.tpl?IdLanguage=10&IdPublication=1&NrIssue=391&NrSection=10&NrArticle=17834]Makfax[/url]
Tweet |