речник контакт

Две години се работи иконостасот за новата црква во Велес

Две години копаничарот Љубомир Бисин го работи иконостасот на новата црква „Св Кирил и Методиј“ во Велес.

Петар Печков

Две години копаничарот Љубомир Бисин го работи иконостасот  на новата црква „Св Кирил и Методиј“ во Велес. Ова импозантно  дело, кое се работи еднаш во  животот, го исполнува авторот и му дава посебна енергија. Иконостасот започнал да го работи во септември 2007-та а има уште дванаесет месеци за да го заврши.

- Ова дело е големо, бара многу труд, го бара целиот човек да се внесе, тука нема импровизации. Потребно е време тој да се изработи и имам рок од три години да го завршам иконостасот. Ентузијазмот од почетокот сеуште ме држи и се надевам дека така ќе биде до крајот. Ова е сепак мое животно дело, бидејќи црква не се гради секоја година, а посебно вака монументална како оваа во Велес – вели  авторот Љубомир Бисин. Реткост е вакво импозантно дело, иконостасот e со димензии 10 на 5 метри,  да го работи еден човек а на Бисин му помага младиот Игор Лескoвски. Тој се радувал како мало дете кога ја добил работата, преку неа созревал. Долго го посакувал ова искушение, за откако да го добие, се праша како сега.

- Добар дел до иконостасот е готов, останува уште нешто да се сработи, не би зборувал колку тоа е во проценти, бидејќи  оваа работа не е математика. Го работиме со максимално внимание и љубов – вели Бисин. Како и во изминатите два века во Македонија,  иконостасот се работи во ореово дрво, специјално третирано во зависност од потребите,  за да го надживее времето  и остане долго после авторите. Цртежите  се работат според црковните канони а педесетината квадарати се збогатени со резба. Тој ќе биде троделен, доле се престолните икони, во средината празничните и највисоко се апостолските икони. Меѓу нив ќе вметнат мотиви од Стариот и Новиот завет, како што се протерувањето на Адам и Ева од Рајот, жртвата на Аврам, отсекувањето на главата на Јован крстител.

- Имавме многу ребуси од почетокот на работата, кои полека ги решававме. Цртежите сами ги работиме, како и комплетната реализација од талпа до финализација е наша креација. Нема препишување, се што е изработено е оригинално. Сите мотиви  зооморфни или флорални, се од старата македонска школа, од охридската резба и дебарско-мијачката. Сите тие се имплементирани во иконостасот – вели Бисин.  За него е голема чест што после 150 години, откако е изградена последната во Велес, тој ќе го работи иконостасот во црквата Св Кирил и Методиј. Таа според големината ќе биде трета изградена во Македонија во последните стотина години, после Св Богородица во Скопје и Св Троица во Радовиш. Во меѓувреме Бисин иако работел на иконостасот во Св.Кирил и Методиј успеал да изработи иконостас и за црквата Св. Петка во Велес. 

\"\"

\"\"

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »