речник контакт

Дворови на штрек, крадец фантом работи по ден

Мештаните уплашени од дрскоста на крадецот, полицијата трага по него

Петар Печков

Во месноста Дворови, сместена близу до центарот на Велес  Сармаале, жителите се исплашени но и на штрек.  Тврдат дека за еден месец имало десетина кражби, кога крадец влегува во нивните домови по ден, додека се дома и носи што ќе најде пред себе.  Уплашени се од неговата дрскост и вештина, да украде а никој да не го види.

Изминатиот месец  сите се соочуваме со секојдневни кражби. Нема ден да помине, а некоја куќа да не е ограбена. Знаете, кај нас нема куќа без двор, портата заклучена, сите дома, а крадецот влегува. Освен  материјалната штета, загрозена ни е приватноста, сигурноста, ни влева страв, што ако се соочиме со крадецот дома, како тој ќе реагира, може има оружје, нож. Не можеме да кажеме кое е тоа лице, се сомневаме  ама нема докази. Пријавуваме во полиција, но резултат нема – велат мештаните од Дворови, кои собрани на сокак, раскажуваат детали за дрскоста на крадецот.

Кај едни комшии влегол додека мало бебе спиело на креветот, а мајка му била во другата соба. Кај старица додека била дома, крадецот сработил во тремот. На трети им  украл четири пластични столици за седење.   Од велешката  полиција објаснуваат дека тоа се кражби, дела  со мало значење но тие постапуваат по пријавите.  И додека мештаните зборуваат за десетина кражби, во СВР Велес биле пријавени пет. 

Во текот на месец Август 2016 година во Полициска станица Велес регистрирани се пет кривични дела „кражба“  предвидено во чл.235 став 2 од КЗ- дело од мало значење,  извршени на подрачјето на месноста „Дворови“ во Велес. Сите пет кражби се извршени со искористување на невниманието на оштетените, односно, сторителот влегувал во куќите преку отворените влезни врати  или од внатрешноста на куќите- претсобје, дневна соба, кујна ,  одзимал разни предмети како: мобилни телефони, таблет и во еден случај одзел пари две илјади  денари кои биле оставени во чанта  - изјави Анита Стојковска портпарол на СВР Велес.

Додава дека полициските службеници од ПС  Велес интензивно превземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »