Петар Печков
Објавено: среда, 11 декември 2024
Основен суд Скопје 1, кој работи кривични премдети, соопшти дека девет од 22 уапсени лица од предметот со кодно име „Адитив“ добиле мерка притвор а на останатите им се одземаа пасошите. Притворот бил одреден како мерка, поради можноста да влијат врз сведоците или поради бегство. Притворот во траење од 30 дена е одреден по барање на јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал (ОЈО ГОК). Меѓу осомниченити и притворени лица има и велешани.
„За осомничените : В. С., П. С., М. С., М. Ј., Д. С., Н. С., Р. С. и П. М. го прифати предлогот на Основниот јавен обвинител и им определи мерки притвор во траење од 30 дена, заради постоење на основите од член 165. ст.1, т.1., 2. И 3. од ЗКП, односно Опасност од бегство, Влијание врз сведоци и Околности дека може да го повтори делото, за осомничениот М. С. , имајќи ја предвид неговата возраст и преземените дејствија, судот му определи мерка куќен притвор. За осомничените: Д. С., С. М., П. Ч., Д. С., А. М., З. Н., З. А., С. М., М. В., Д. Ч., В. М., Н. Н. и С. К., судот го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост согласно член 146 ст.1, т.2, 3. и 6. односно Одземање на патна исправа, Обврска повремено да се јавува во судот, Забрана за одржување и воспоставување контакти, како и т.7 за одредени лица односно Забрана за преземање на определени работни активности поврзани со кривичното дело“, соопшти Основен суд Скопје 1.
„По вчерашната успешно спроведена акција и донесената Наредба за спроведување на истражна постапка против 23 лица, денеска предметните обвинители до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставија предлози за изрекување на мерка притвор за деветмина осомничени. прифатени предлози за осуммина осомничени, а за едно лице судијата на претходна постапка донесе одлука куќен притвор“ соопштија од ОЈО ГОК.
„Ценејќи дека се исполнети условите, а заради непречено водење на кривичната постапка, обвинителството до судијата на претходна постапка предложи на останатите осомничени да им бидат определени мерки на претпазливост како поблаги мерки за обезбедување присуство и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи судијата на претходна постапка, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица“ -додаваат од ОЈО ГОК.
Обвинителите во текот на денешниот ден до Основниот кривичен суд доставле и пет предлози за времени мерки за обезбедување на имот на дел од осомничените.
Во текот на вчерашниот ден при претресите биле пронадени и одземени се парични средства во вкупен износ од 208 000 евра, над 30 мобилни телефонски апарати, компјутери, лап-топи, УСБ стикови, едно моторно возило марка BMW и обемна документација поврзана со кривично правниот настан.
Министерот Тошковски изјави дека во текот на вчерашниот ден имале над 30 претреси на домови и други простории на лица и фирми осомничени за злоупотребите, биле отворени и два сефа и вкупно одземени 220.000 евра. Фирми без ниеден вработен кои до вчера продавале канцелариски материјал, преку ноќ влегле во толема трговија со адитиви за јаглен кои ги продавале три пати поскапо од реалната цена.
„Она што е набавено во ТЕЦ ‘Осломеј‘ ниту еден отсто не е потрошено, односно нула отсто од адитивите се ставени во функција. А во другото правно лице, како во РЕК ‘Битола’, 95 отсто од адитивите не се ставени во употреба“, рече Тошковски, нарекувајќи ја ваквата злоупотреба тешка 6,5 милиони евра „дрско и душманско крадење“.
Според обвинителството, во период од 13.04.2023 до 23.08.2024 година, дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“ создале група која имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл.273 од Кривичниот законик.
Во текот на 2023 и 2024 година припадници на оваа група станале и дел од осомничените, а со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, осомничените свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка.
Така, откако организирале и извршиле пререгистрација на дејност на правните субјекти во нивна сопственост, осомничените управители и сопственици на правни лица, како учесници во постапки (економски оператори), меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј.
На начин опишан во диспозитивот на наредбата, овозможиле кривично одговорно правно лице да го добие Договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, 190.000 кг. за потребите на РЕК Битола и 120.000кг. адитиви RPT 602 за потребите на РЕК Осломеј и да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400,00 денари.
Потоа, со намера да го прикријат движењето на парите за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство од чл.275-в од КЗ, дел од осомничените организатори и дел од осомничените припадници на злосторничкото здружение во периодот од 24.11.2023 до 28.06.2024 година во Битола, Неготино и Скопје пуштиле во оптек, примиле пари, извршиле пренос на паричните средства и подигале готовина во вкупен износ 414.776.400 денари.
Tweet |