речник контакт

Дедо Мраз не доаѓа секаде

Или како живее првородената тројка во Велес од 2009-тата која на 1-ви јануари наполни три години

Петар Печков

Булит, Зурафета и Ебру   на први јануари наполнија  три години. Оваа тројка се роди првиот ден на 2009-тата  во Велес и беше голема радост за семејството Асанови, но истовремено и уште поголема обврска.  Ако тогаш Дедо Мраз им донесе голема радост,  подоцна како да ги заборави па потоа во животот се судруваат со бројни проблеми, кои сами тешко ги решаваат. Тешко се доаѓа до парче леб, бидејќи и мајката и таткото се невработени, социјален случај.

Од неодамна Асанови имаат уше едно дете, петмесечното бебе Јамур.   Живеат во куќа, чиј сопственик најавил скоро враќање. Но немаштијата не значи дека децата  се запоставени. Напротив родителите вложуваат огромни напори се што им е потребно да им обезбедат, во рамките на нивните можности.

За овие деца нема радост, чоколада не вкусиле. Нема ни Нова година ни Дедо Мраз, за нив тој не постои. Ние имаме други грижи, како да преживееме а не да се радуваме на еден ден во годината. Ај белки кога ќе пораснат ќе имаат подобар живот, а не како овој, во десет метри квадратни, простор кој наскоро ќе мора да го напуштиме. Тоа ни е нас маката, во Новата година ќе бидеме бескуќници. Затоа ако постои Дедо Мраз  нека ни донесе кров над главата – вели мајката Џејлан Ука.

Семејството живее од помош од осум илјади денари, кои ги добиваат за трето дете од Центарот за социјални грижи. Таткото оди и пребарува по ѓубриштата да обезбеди храна за децата. Тој не се срами од оваа негова работи, напротив се гордее. Бидејќи вели не краде и не обезбедува леб со нечесна работа. При посетата на Асанови, тој ден  имал дефект, моторот ,,томос,, се беше расипал, па цело маало дојде да помогне да се поправил за да може следниот ден, за замине на неговото работно место, каде вели се чувствува како административец, бидејќи работел како службениците од 8 до 4.

Децата пораснаа, кога гладни, кога болни, кога најдени пораснаа. Бев денес на ѓубриште, пребарував пластични шишиња и лим, за да ги препродадам и земам некој денар. Заработив 200 денари, со тие пари треба да обезбедиме јадење за нас шестмината. Така секој ден, нема празник, нема делник. Тешко е ама мора да се живее – вели  таткото Сатки Асанов, додека околу него трчаат и се радуваат  децата и се радуваат на неговото враќање дома.

Тие се темпераменти, радознали. Но не знаат дека доаѓа Дедо Мраз и Новата година. Тоа можат да го почувствуваат само преку прозорот од малата куќарка на крајот од градот. Од неа како на дланка се гледа градот и во далечината бројните разнобојни  светилки како треперат и ја создаваат веселата атмосфера. Нивната куќа е последна на периферијата до градот на улица Богдан Каракостев 155, над нив веќе почнува пустелија.

Среќна сум што  имам четири деца но тешко се снаоѓаме,  мораме. Цела фамилија е во овие две соби, кои се на деверот. Тој од Германија се враќа набргу. Потоа каде ќе одиме не знам.  Нашата соба се сруши од влагата. Ќе останеме на улица. Нема работа и  со толку  деца каде да одам, сама сум, јас ги гледам, немам помош  од никого– вели Џејлан Ука мајка на тројката додека во раце го држи новороденчето  Јамур .

Преку викенд доаѓаат од Градско нејзините две сестри да помогнат  на четирите внучиња. Поради лошите услови за живот, децата често заболуваат, од влагата сите имаат бронхитис. Во болница не може да остане бидејќи нема кој да ги чува останатите деца и така се во маѓепсаниот круг на безизлезноста на семејството Асанови. Можеби Дедо Мраз ако дојде и затропа на нивната врата годинава, ќе  помогне барем малку на ова велешко семејство.

Иако годинава во Велес се поделија скоро илјада пакетчиња ниту едно не заврши во рацете на оваа тројка. Петстотни поделе општината преку невладините организации и надлежните институции, вклучувјќи ги и граѓанскте  здруженија на ромската и турската националност кои добија 250. 400 пакетчиња поделија мотористите со помош на фондацијата Фокус а 50 подели 50 ЕВН со помош на Црвениот крст. Ниту едно од овие 950 наменети за социјални ранливите категории   го доби првата тројка родена во Велес во 2009-тата година.

 Новороденчињата кои се раѓаа први последниве години во Велес и немаат баш среќа во животот. Освен оваа тројка, ланското прво бебе завшри како просјак на улица со неполна година.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »