Петар Печков
Објавено: недела, 05 јануари 2014
Голема радост за најмладите во велешкото село Лисиче приреди Дедо мраз. Тој дојде на магаре а во кошовите донесе многу пакетчиња за децата од ова место.
Годинава ова се случи по 10-ти јубилеен пат. Ако на почетокот тој делел по 20-тина пакетчиња, сега бројката е двојно зголемена, на 40. Колку оваа забава е добро примена во Лисиче зборува и тоа што при поделбата на годинешниве пакетчиња, една од бабите на децата прокоментира, ,,не е лошо и ние да се пишевме, така ќе касневме по некое чоколадо,,.
Секое семејство кое има деца донира пари а од нив се купуваат пакетчиња, кој потоа на украсеното магаренце се делат среде Лисиче. Иницијативата е на брачниот пар Валентина и Тони Жежови, кои таму ги минувале новогодишните денови, а со цел децата да ја почувствуваат празничната атмосфера.
Годинава бил украсен и јаворот сред село, со украси изработени од рацете на децата ученици, па Лисиче доби празничен лик.
Tweet |