Петар Печков
Објавено: петок, 19 септември 2014
По понеделничката сообраќајка, кога возач со косовски регистарски таблички, возејќи во спротивна насока на автопатот Скопје – Велес при што предизвика судир во кој тешко се поведени седум лица, бројни возачи ги споделија нивните искуства за истата делница, со слични инциденти. Сите тие со точен ден, датум и час, посочуваат дека имале искуство да налетаат на возачи кои возеле во спротивна насока на автопатот до Скопје кон Велес.
Беше тоа во саботата, наутро во 5,30 часот, близу бензинската на Макпетрол, кај мостот пред Катланово. Не можев да верувам на сопствените очи кога видов од другата страна доаѓа автомобил. Не беше сон, туку само профуче покрај нас. Половина час на паркингот ми требаше да се соземам. Не ја помнам ниту марката на автомобилот ниту бојата – вели Данчо С. велешанец кој утрото се враќал од Скопје.
Неговиот сопатник додава дека автомобилот кој возел во спротивна насока воопшто и не сопрел, туку продолжил. Тие се убедени дека овој автомобил се има вратено од правецот Скопје – Велес или вклучено од некој див пат., оти не е возможно да се мине патарината кај Сопот во правец кон Скопје. Друг соговорник ваквата средба ја имал на влезот во Велес, кај Башино село. Тоа било ноќта недела спроти понеделник, во еден часот по полноќ.
Беше ноќ кога забележав светла од автомобил како се движат кон нас. Беа две возила, и некако успеав и јас и тие да сопреме. Кога ме видоа беа преплашени како дух да виделе. Не знаеле дека возат во спротивна насока, доаѓаа од свадба од Велес, беа кумановци. Очигледно не ја виделе, ако ја има сигнализацијата дека не смеат да се вклучат оти тоа е еднонасочен автопат – објаснува Сашко В.
Ова се само два примери на велешки возачи кои лично последни денови, го почувствувале проблемот со возењето во спротивен правец на еднонасочната делница од автопатот Скопје – Велес.
До сообраќајката дојде кога автомобил голф со косовски регистарски таблички, возејќи спротивно од делницата на автопатот директно удри во мерцедес со велешки регистарски таблички. Три од повредените патници беа деца.
Tweet |