Петар Печков
Објавено: петок, 18 ноември 2016
Управата за електронско здравство ,,Мој Термин,, при Министерството за здравство соопшти дека ја повлекува забраната матичните лекари сами да се лекуваат и сами да си препишуваат лекови, и упати и дека таа ќе важи само за оние доктори кај кои утврдиле злоупотреби. Оваа одлука е донесена откако вчера Здружението на приватни лекари остро реагираше на забраната и посочи дека од неа најмногу ќе страдаат токму пациентите.
“Имајќи ги во предвид реакциите и дискусиите во јавноста, Управата одлучи да спроведе системска мерка, со која ќе се оневозможи само на оние доктори кои го злоупотребувале системот да си креираат упати и рецепти самите на себе како матични пациенти. Управата ги прифати аргументите дека поради неодговорни поединци не треба да бидат казнети сите доктори кои совесно и законски си ја вршат својата дејност“, стои во соопштението од Мој Термин.
Во објаснувањето до јавноста зошто првично е донесена забраната матичните лекари сами на себе да си бидат избрани лекари, од Мој Термин велат дека утврдиле злоупотреби и неправилности во работењето кај повеќе доктори.
“Утврдивме дека еден гинеколог си препишал самиот на себе 182 рецепти за една година, од кои 45 се антибиотици. Нереално е и воопшто не соодветствува со протоколите по медицина базирана на докази, пациент да примал антибиотска терапија цела година. Ова е очигледен пример дека станува збор за злоупотреба на системот. Утврдивме десетици случаи на матични доктори од целата држава кои си креирале над 110 рецепти самите на себе за една година, или во просек секој од нив на себе си препишал по 136 рецепти во текот на една година. Во споредба со тоа колку рецепти се препишани само на луѓето кои во текот на годината биле на лекар, просечно се препишуваат 17 рецепти по пациент годишно. Кај околу сто матични доктори е констатирано дека самите на себе си препишувале во просек по 72 рецепти на годишно ниво“, велат од Мој Термин.
Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на матични лекари, вели дека не одобруваат да се злоупотребува системот, но дека бараат темелна истрага за тоа дали навистина станува збор за злоупотреба или за лекари, кои и самите се пациенти и имаат тешки и хронични болести.
“Имаме колешки кои одат на работа и покрај тоа што примаат хемотерапија. Имаме и други постари колеги, кои пијат многу лекови, како што се лекови за притисок, за дијабет, за маснотии и ред други хронични заболувања, па оттаму сметаме дека 72 рецепти годишно не се многу. Од друга страна, ако се утврди злоупотреба, Фондот за здравство со кој имаме договор за работа, има свои казнени механизми, на кои ние сме се согласиле со потпишување на договорите“, вели д-р Чолакова Дервишова.
Tweet |