Петар Печков
Објавено: недела, 17 април 2011
Овој празник е подвижен празник. Зависи од тоа во кој ден ќе падне Велигден. Се слави секогаш во неделата пред Велигден, затоа што тоа е денот кога го доживуваме Христовото славно влегување во Ерусалим, градот во кој по неколку дена Христос ќе биде погубен. Кога Христос влегуваше во Ерусалим, луѓето го пречекуваа со извици, постилајќи ги облеките пред неговите нозе и засипувајќи го патот со маслинови гранчиња пречекувајќи го како цар на мирот небесен. Во таа смисла и празникот е наречен Цветници.
Празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранки, како и со својата облека му го постилале патот.
Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре? Толкувачите на Светото Писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки но и со својата облека го постилал патот
Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконата овој чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.
Tweet |