Петар Печков
Објавено: понеделник, 10 септември 2018
Ридот од згура, на влезот од Велес го смени концесионерот. Со одлука на Влада од 86-та седница, од 4-ти септември, од Еко Центар 97 преминува во КЕПС МОНТ ГРОУП ДОО Скопје. Ова ја изненади велешката јавност, оти досегашниот концесионер пред две и пол години време ја доби депонијата а сега истата ја префрла на друго правно лице.
Добро е кога е најдено компанија која може да ги исполни критериумите и да ја однесе троската од Велес, бидејќи таа и натаму е опасност за здравјето на граѓаните. Од досегашниот концесионер немаме информации што се презел како активност - рече Игор Смилев од ЕГ Зелена сила од Велес.
Депонијата со згура според проценките на стручњаците е тешка 1,7 милиони тони и е една од 10-те црни еко-точки во Македонија. Таа е резултат на три децениската работа на Топилницата и при секој ветер носи во градот опасни и штетни честички кои се наталожени таму. Преносот на концесијата за експлоатација на техногената минерална суровина - троската е со крајна цел таа да се изнесе од Македонија, тврдат од досегашниот концесионер.
Бидејќи со договорат за концесија потенцирано е и се бара троската да се изнесе надвор од границите на Р. Македонија, баравме компанија која има добри меѓународни врски, комуникација и соработка, со која што би можеле да го реализираме тоа. Команијата Кепс Монт Груп има решение за изнесување на троската кое што беше и главна причина поради која што склучивме договор за пренос на концесија и во иднина заеднички да ја продолжиме работата - пишува во одговорот на Еко Центар 97 ДОО Скопје, на поставеното прашање зошто се повлекоа од концесијата.
Команијата Кепс Монт Груп е компанија со мешан капитал, домашен и странски. На телефонот оставен за контакт никој не се јавува. Во УЈП како дејност на оваа фирма се води дека се бави со инженерство и техничко советување. Со пребарување може да се пронајде дека идентична компанија постои во Белград Србија.
На нивната страница меѓу другото пишува дека врши организиран транспорт на јаловина на пазарот во Кина, и дека се фамилијарна компанија која работи од 1993-та година. На електронската пошта од фирмата во Белград и поставените прашања, дали се во релација со истоимената фирма од Скопје, одговор немаше.
Надоместокот за доделената концесија, која ја плати ,,Екоцентар 97,, изнесуваше 1,3 милиони денари а рокот на користење беше десет години. Скопската фирма, која ја доби депонијата со троска е компанија која се занимава со собирање и примарна преработка на отпад кој содржи обоени и необоени метали.
Оваа фирма беше единствена која учествуваше на јавниот повик на Министерството за економија, иако тендерска документација подигнале 11 фирми. При добивањето на концесијата најавија дека ќе извршат нови анализи на ридот со троска, за да знаат што и ќе експлоатираат.
Извршените обемни анализи за троската покажаа ниска -мала економска оправданост за нејзина обработка, за која што исклучиво се заинтересирани земјите од далечниот исток, како Кина, Јапонија, Индија - пишува во одговорот на Еко Центар 97.
Очекуваат за 20-тина дена да ја имаат комплетно завршна документацијата за извоз на троската како и нејзината крајна дестинација.
Tweet |