Петар Печков
Објавено: среда, 15 септември 2010
Ако по првите три месеци велешкото комунално претпријатие имаше минус од 3,7 милиони сега таа е двојно зголемена, иако велешани плаќаат меѓу најскапата вода за пиење. Со цел намалување на трошоците на работа, намалени се платите на вработените за 10 отсто.
Оваа загуба е резултат на затечената состојба, поради вештачкото одржување на ликвидноста на претпријатието. Долги години не се отпишувани побарувања од фирми кои не постојат. Ако се анализира работата по единици ќе се види дека најголема е загубата во Комунална хигиена. Тоа се должи, што на почетокот од годинава Уставниот суд укина незаконски покачена цена на ѓубрарината, од претходната раководна општинска гарнитура, директор, Управен одбор, Совет и градоначалник – изјави Елизабета Чупоска советник од ВМРО-ДПМНЕ и до неодамна претседател на УО на ЈКП Дервен.
Нејзините партиски колеги сметаат дека можното решение е подобро да се намалат платите на вработените отколку да се качи цената на ѓубрарината или водата па така цехот за загубата да го платат 12 илјади семејства Во ова општинско јавно претпријатие вработени се 250 лица а од почетокот на годинава кон ЈП Лисиче тоа започна да плаќа вода за пиење од каде градот се снабдува со потребите количества. За првата половина од годинава за оваа цел исплатени се 3,5 милиони денари.
Индикативно е што осум месеци претпријатието бележи негативен резултат, за прв пат по 10 години, а раководството и градоначалникот не нудат предлог како да се реши проблемот. Имаме чудна состојба, кога ЈКП Дервен добро и позитивно работеше, неговите извештаи Советот предводен од ВМРО-ДПМНЕ не ги усвојуваше а сега кога работи со загуба тие се прифаќаат. Згора на тоа погледнете ги трошоците за репрезентација, службени патувања, телефонски разговори. Ова луксузирање мора да се скрати, не само од платите на работниците – изјави Дејан Гавазов од СДСМ.
Од раководството на комуналното претпријатие објаснија дека преземале низа мерки со цел економично работење и намалување на загубата, но за целосно решение ќе треба освен менаџментот, да се вклучи Советот и градоначалникот. Како една од мерките на заштеда биле намалени за 10 отсто платите на 250 вработени кои не добиле за прв пат годинава и К-15 а биле намалени и надоместоците на членовите на УО и Надзорниот одбор.
Загубата до крајот на годината со ова темпо може да се качи до 15 милиони денари, со што ќе биде загрозено враќањето на кредитот кон Европската банка за обнова и развој. Не заборавете што се случи во неколку градови во земјава кои не ги враќаа ратите, ние сме единствени што досега навремено го отплаќавме. Треба да седнеме сите на маса и се договориме во интерес на граѓаните на Велес. Не заборавете дека надвор од програмата, одржуваме повеќе спортски површини во градот кои не се планирани за работа – изјави Драган Дамјановски помошник директор.
Tweet |