Петар Печков
Објавено: среда, 26 јули 2017
Гаражата во која изгоре човек, пред 10 години се уште е во таква состојба, каква што беше критичната ноќ. Црна, изгорена, уништена, грда слика за соседството но и минувачите кои секојдневно се во близина. Дел од станарите бараат или да се уреди или да се отстрани.
Гаражата која е времен објект, нема никаква функција. Изгорена од огнот, носи тажни, лоши сеќавања а сопственикот никако да ја среди. Многу е нечиста, некаква болест ќе фати некој. Затоа локалната власт треба да се погрижи да не создава лош амбиент – велат дел од засегнатите станари. Од Општина Велес објаснуваат дека тие реагираат доколку на таа локација има изработен детален урбанистички план и таму е предвидено изградба на одреден објект, игралиште или нешто слично.
За посочената локација, односно гаражата која изгоре во пожар, потребно е да се видат сопственичките односи. Лицето кое ја користело гаражата ќе биде известено да ја отстрани во законскиот рок. Доколку тоа не се направи тогаш општинските служби ќе го направат истото, а трошоците ќе одат на сопственикот. Според нашите сознанија таа парцела е државно земјиште. Објектот евидентно е дека претставува неубава слика за тој дел од градот, а исто така и евентуална опасност – изјавија од Општина Велес.
Во пожарот кој се случи на 3-ти март, 2007-та во посочената гаража, по подметнат оган жив изгоре велешанец, од тогаш гаражата е во иста состојба. Сопственикот на времениот објект Димитар Ставров рече дека гаражата ќе ја поправа.
И јас сакам да ја уредам, но немам услови. Штом, ќе дојдам до можност, гаражата ќе биде поправена - изјави Ставров.
Tweet |