Петар Печков
Објавено: среда, 24 јануари 2024
Во Детската градинка „Детелинки 3“ денес беше предадена во употреба нова просторија со која се зголемува капацитетот на деца за нови 75 места. Беше предадена за користење и сензорна соба. Овој чин на промоција го изврши Министерката за труд Јована Тренчовска и амбасадорот на Народна Република Кина во Скопје Џанк Цуо.
„Денес одбележуваме два настани кои се ново поглавје во работата, растот и развојот на Детската градинка од Велес. Со задоволство објавувам дека го проширивме капацитетите за престој на деца, со три занимани и место за 75 дечиња. Тоа е инвестиција од еден милион денари од буџетот на Министерството за труд и социјална политика. За децата има прекрасен простор со најнов мебел и дидактичка опрема, која ги задоволува сите стандарди. Така родителите ќе бидат безгрижни оти децата ќе бидат згрижени“ - рече министерката Тренчовска.
Беше отворена и сензорна соба за децата со попречености. Тоа е донација на Амбасада на Народна Република Кина, во висина од 50 илјади евра за три такви соби во градинките во Гевгелија, Струмица и Велес.
„Соба која нуди многу во време на рана интервенција за децата со било каква попреченост за да можат тие да се отстранат. Собата е простор кој е дизајниран да ги стимулира сетилата на децата со пречки во развојот“ - додаде Тренчовска. Амбасадорот Џанк Цуо со пофални зборови се обрати до велешани и градот за кој кажа дека има богата историја.
„Ова е уше еден резултат на соработката на Кинеска амбасада и Министерството за труд и социјална политика. Многу сум среќен што можам да придонесам за развојот и образованието на децата во Северна Македонија“ - рече амбасадорот Џанк Цуо.
Tweet |