Петар Печков
Објавено: петок, 24 април 2026
Огромен интерес за вакцинација со ХПВ во велешко. Процентот стигна до 97 отсто со што поширокиот велешки регион, заедно со Градско и Чашка е лидер во земјава. Опфатот со оваа вакцина во Македонија е околу 55 отсто. Ја примаат деца на возраст од 12 години, годинава сите што се родени 2013 година. Од лани ја примаат и е задолжителна за машките деца.
„Зад овој видок одѕив имаме макотрпна работа за едукација на родителите. На секое училиште испративме научно поткрепен текст, зошто децата треба да се вакцинираат. Потоа истите се доставени до секој родител. Ако во првите години од воведувањето на оваа вакцина, мајките оставаа ќерките сами да одлучат кога ќе стигнат до полнолетство дали ќе ја примат, сега состојбата е различна“ – велат од Службата за школска превентива при ЈЗУ Здравстен дом Велес.
Тие оваа седмица во рамките на теренската вакцинација од Европската недела на имунизација го посетиле училиштето од Горно Јаболчиште, каде од 73 деца 72 биле вакцинирани за ХПВ. Оваа вакцина се прима до 18 години и е бесплатна.
„Ќéрката има 20 години, не ја вакциниравме кога беше во основно, сега сакаме но нема вакцина. Ни кажаа дека во школска може се до наполнување на 18 години а во Центарот за јавно здравје Велес нема ни за пари да се пушти“ –вели мајка на девојка.
Од Службата за школска превентива потврдуваат дека доаѓаат девојки и повозрасни од 12 годишна возраст, но потенцираат дека може бесплатно да се аплицира до денот на наполнување на 18 години.
Хуман папилома вирусот (ХПВ) е најчеста сексуално пренослива инфекција која може да предизвика рак на грлото од матката, вагината, анусот, пенисот, генитални брадавици- еден од најчестите симптоми на инфекција. Сексуалната активност е главен начин за пренос на ХПВ, но контактот со заразена кожа или слузница исто така може да биде ризик.
Во оваа седмица на Европска имунизација, се вршело вакцинација на деца на училиштна возраст, кои не биле вакцинирани и со прва и со втора доза од поливалентните вакцини. Така лани од 556 деца кои во велешко се запишаа во прво одделение само пет не ја примиле МРП (сипаници, заушки, рубеола) вакцината. На училиштна возраст децата од велешко се со висок опфат со над 90 отсто.
фото Институт за јавно здравје на Македонија
| Tweet |




