Петар Печков
Објавено: петок, 27 август 2010
Четирите малолетни девојчиња, од кои три со години биле сексуално злоупотребувани од нивниот татко, се привремено одземени од нивната мајка и сместени во згрижувачко семејство. Тие таму ќе останат се до завршување на истражната и судската постапка, која треба да ја утврди неговата вина, но и евентуалната вина на нивната мајка, соопшти министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами.
Министерот Бајрами посочи дека случајот за силувањата на девојчињата, кои се на возраст од три, пет и седум години, бил откриен откако нивната мајка на 25-ти овој месец во Центарот за социјални работи во Велес пријавила семејно насилство сторено од нејзиниот четириесет и едногодишен сопруг. По пријавата од мајката Центарот за социјални работи случајот го пријавил во велешката полиција.
- Откако истражните органи потврдија дека лицето е осомничено за делото за кое што се товари, нашите стручни лица одлучија децата да бидат привремено одземени од мајката и сместени во безбедно згрижувачко семејство надвор од Велес.
Децата се сега безбедни, истите добро го прифатија тоа што им беше предложено од стручните лица во Велес. Тие таму ќе останат се додека случајот не се расчисти. Изнајдено е најдобро решение и се надеваме дека децата со време ќе го подзаборават сево ова. Со нив во континуитет ќе работат стручни служби, рече Бајрами.
Министерот истакна дека се уште немаа конкретни информации дали мајката знаела за монструозното изживување на нејзиниот сопруг врз девојчиња, но додаде дека доколку истрагата открие дека таа знаела, а тоа не го пријавила и против неа ќе бидат преземени соодветни мерки.
Четириесет и едногодишниот велешанец со години ги силувал своите три ќерки на три ипол, пет и седумгодишна возраст. Најмалата ќерка, која има само година и пол не била злоставувана.
Народниот правобранител на Република Македонија во врска со случајот со велешанецот кој ги силувал своите ќерки препорачува децата соодветно да бидат згрижени и натамошно заштитени од било какви злоупотреби и влијанија од родителите, да се преземат мерки за психо-социјална поддршка, третман и рехабилитација на децата за надминување на траумите, а спрема родителите да се преземат мерки согласно Законот за семејството, меѓу кои и за утврдување на условите за одземање на родителското право.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај станува збор за сексуална злоупотреба на малолетни деца за кои постои основано сомнение дека е извршено од страна на таткото, а дека мајката не презела никакви мерки за заштита на децата, Народниот правобранител во соопштение посочува дека Центарот за социјална работа треба да ги преземе сите можни мерки за натамошна заштита на децата.
Народниот правобранител цени дека е потребно да се преземат и мерки спрема двајцата родители независно дали ќе се докаже дека таткото вршел злоупотреба на децата, затоа што очигледно е дека родителите несоодветено ги вршеле своите родителски права и должности и не само што не презеле мерки за заштита на децата од било какви злоупотреби и за нивен правилен психофизички развој туку постои основано сомение дека токму таткото на децата, кој е обврзан да се грижи и да ги заштитува децата, тој грубо ги злоупотребил со што им ги повредил нивните основни права гарантирани со Конвенцијата за правата на детето и со законската регулатива.
Според Конвенцијата, децата пред се треба да бидат заштитени од секаков вид дискриминација и во сите активности што се однесуваат на нив пред се да се води сметка за нивниот најдобар интерес, при што државата е должна да му обезбеди грижа и заштита на детето неопходна за неговата благосостојба, земајќи ги при тоа предвид правата и обврските на неговите родители кои се одговорни за детето.
Во соопштението се посочува дека според Конвенцијата државата е должна да ги преземе сите законодавни, административни, социјални и образовни мерки заради заштита на детето од сите облици на физичко и ментално насилство, повреди и злоупотреби, занемарување и немарен однос и малтретирање вклучувајќи ја и сексуалната злоупотреба додека за детето се грижат родителите. Овие мерки за заштита на детето треба да опфатат ефикасни мерки за востановување на социјални програми за обезбедување поддршка неопходна за детето како и други облици за спречување, утврдување, пријавување, проследување, истрага постапување и следење на случаите на било какво малтретирање и насилство над детето.
Tweet |