Петар Печков
Објавено: вторник, 08 октомври 2013
Приодите до Градскиот пазар во Велес од дивите препродавачи се исчистени. Откако им дадоа рок од две седмици да се отстранат дивите тезги нив ги снема. Утринава во контрола беа комуналниот инспектор на општина Велес, пазарната инспекција и припадници на полицијата.
Но тие немаа работа, оти лицата кои претходно со години ги заземаа јавните површини, сега ги немаше. Повеќето од нив закупиле тезга на Градскиот пазар, па така тој по подолго време беше преполн. Од ЈКП Дервен информираа дека имаат 20 тезги повеќе овој месец. Или ако во септември имало околу 260 под месечен закуп, овој октомври тој број пораснал на 280. Овоај потег го поздравија велешани, кои по подолго време имаат слободни тротоари и паркинг за движење.
Кончено се воведе ред. Беше хаос на пазриштето, ние пешаците по улица, препродавачите на троатоар. Бидејќи живеам во блиската зграда, секој пазарен ден имав проблем каде да го паркирам мојот автомобил, оти паркингот беше пазар на диво. Вакви акции имаше и пред шест седум години, но траеше кратко. За да биде вака без препродавачи, потребни се почести контроли. Да не биде само месецов оти дивите тезги никнуваат како печурки по дожд ако не се контролира – вели велешанецот Стојан Николов.
Бучавта која се создаваше од овој див пазар, надвор од Градскиот, беше во дворот на две основни училитша, што создаваше проблеми во одвивањето на наставата Локалните власти отстранувањето на препродавачите го побараа во согласност со Законот за јавна чистота оти на јавните површини забрането е продажба и излагање на земјоделски и индустриски производи и со одлуката за комунален ред на Општина Велес со која „забрането е складирање и продажба на стока надвор од продажните места обележани на пазарот“.
Нелегална продажба надвор од пазарот предизвикуваше реакции кај легалните пазарџии кои со години бараа да се воведе ред и еднакви услови за работа за сите, со почитување на законот, но и нездоволство кај ЈКП Дервен поради одлевање на дел од пазришната такса, која не ја плаќаа овие лица.
Tweet |