речник контакт

Дипломата број 1 од Правниот факултет Скопје е кај велешанецот Љубомир Бојаџиев

Уште еден факт дека Велес своевремено бил центар на интелектуалната моќ во едно минато време

Петар Печков

Откако ТРМР  откри дека дипломата број еден  на Медицинскиот факултет од Скопје е во Велес,  истражувањето покажа дека и дипломата број еден на Правниот Факултет од Скопје е во сопственост на велешанец. Тоа е Љубомир Бојаџиев, правник, судија и адвокат  како што  го помнат велешани.  Спомените за овој настан ги раскажуваат неговите блиски,  бидејќи тој е починат пред 22 години.

Мојот сопруг беше студент на Загрепскиот факултет, таму се запишал, студираше, ги имаше сите семестари ислушано 24 испити положено, му остануваше уште малку до крајот. Но имаше некои здравствени проблеми па се врати во Велес. Тука најде  работа, во  Народна Банка, задоволен од работата прекина да полага, факултетот го запостави, иако беше апсолвент. Голема штета е за пет-шест испита колку што му останаа да фрлат се во вода, толкав труд и учење. 

Откако дознав дека во Скопје се отвора Правен факултет, тогаш по мое инсистирање, залагање, тој продолжи да студира тука во Македонија. Новоформираниот факултет му ги призна испитите од Загреб и по кратко време тој дипломираше. Тоа се случи на 4 јули 1955-та година. Тогаш ја доби и дипломата од Правен факултет од Скопје и тоа со реден број еден. Со префрлањето од Загрепскиот на Скопскиот факултет, многу му помогна неговиот другар, електроинженер Љубе Ќурчиев, кој му ги заврши сите административни работи – вели Марионка Бојаџиева, сопругата на Љубомир, кој починал 1990-та година. 

Блиските на Бојаџиев податокот дека тој е сопственик на дипломата бр. 1 малку  го под подзаборавиле, го потиснале, се додека летово не се случила големата преселба на семејството во нов дом за живеење, кога на виделина излегла дипломата, која тие сега љубоморно ја чуваат. Таа е дел од историјата.

Бевме изненадени кога пред некоја година добивме покана од Правниот факултет од Скопје, за одбележувањето на 50 години од постоењето и работата. На оваа манифестација на татко ми како прв завршен студен на овој факултет, му дадоа  статуетка Цицерон со посвета и плакета.  Пред овој ден многу не обрнував внимание на овој факт, дека имаме таква чест што не прави горди - вели синот Божидар Бојаџиев, кој е  доктор специјалист оториноларинголог и тој ја примил плакета и статуетката.

Татко му  Љубомир имал интересна животна патека. Неговиот татко Божидар како поштар, кој одлично ја знаел Морзеовата азбука како напреден млад  човек, бил шетан низ Кралска Југославија и работел во повеќе градови. Прво Љубе растел во Добој во Босна, потоа во Меоница во Србија, за да во 1942-та се врати семејството  во родниот Велес.   Тој  на десет годишна возраст одлично работел на телеграфот и знаел да пишува. Подоцна ова му помогнало да заработувал како студент, за џепарлак  додека бил во Загреб. Мајка му Родна пак е од познатото  велешко семејство Ѓоргови.

Татко ми беше многу шеговит  и весел човек. Додека  учел средно училиште во летните распусти работел во студиото на познатиот велешки фотограф Манушев, каде не само што ги научува техниките на фотографирањето и правењето на слики, туку за цел живот му останува љубовта кон фотографирањето.  Исто така голема љубов на му беше  музиката. Во Загреб за време на студирањето се среќава со џезот, кој му остава длабока трага и е во нераскинлива врска до крајот на неговиот живот, затоа веднаш по враќањето дома  прв купува грамофон во Велес. Во домот на семејството Бојаџиеви музиката беше составен дел од нашиот  живот – објаснува неговата ќерка д-р Грација Бојаџиева интернист.

По враќањето од Загреб, како незавршен студент  Љубомир работел во Банката и по два дена од дипломирањето на студиите бил повикан да работи како судија. Таа 1955-та година во градот имало само двајца судии Борис Нојков  и  Борис Андов.

За него тоа беше голема  непозната, два дена по завршувањето да седне во судиското столче. Не размислуваше многу, собра храброст и ја прифати оваа обврска, со голема помош од постарите  колеги,  тој стана судија на 30 годишна возраст. Иако беше судија, живеевме со свекорот  и свекрвата а стан не добивавме и затоа се реши да оди за адвокат. Така замина за по десетина  години,  откако го повикаа повторно да биде судија, тој прифати и од таму се пензионираше.

Убави спомени од работата му оставија неговите соработници во судот  Круме Мајсторов,  Цане Јанчевски,  Злате Лозановски, како и Михајло Маневски екс министерот за правда. Мојот сопруг беше мошне дружељубив човек, секогаш позитивен, ведар,се што имаше сакаше да сподели со сите,секогаш спремен да помогне. Неговите школски другари останаа другари до крајот на животот  со кои ги поминуваше часовите од слободното време др. Цветко Арсов, електроинжињер Ќурчиев Љубе, др. Абрашев Тодор и др. Леов Трајко  – објаснува сопругата Марионка.

Така  случајно или не, судбината сакала во едно исто друштво, меѓу двајца другари да бидат и првите студенти кои дипломирале на два македонски факултети. Токму Арсов е првиот дипломиран доктор а Бојаџиев е првиот дипломиран правник, и двајцата како студенти на Скопските факултети и тие ја имаат дипломата бр.1. факт што го прави Велес центар на интелектуалната моќ во тоа време.       

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »