речник контакт

До Скопје и назад, велешани патуваат со еден вагон на МЖ

Со еден патнички вагон на Македонски Железници, во ударните термини изминатиот викенд патуваа велешани до Скопје.За викенд и за празници, жеелзчничкиот сообраќај кон Скопје е редуциран.

Петар Печков

 Гужви, тензии, нервоза меѓу патниците кои едвај успеале да влезат во вагонот за да стигнат до Скопје, овој претпразничен викенд. Огромно било нивното разочарување кога виделе дека ги чека само еден вагон, кој ќе треба да превезе повеќе стотина патници.

Ова е срамота за МЖ, бидејќи немаа проценка дека  за ваков викенд ќе има толку гужва. И згора на се беше пуштена  само една кола  и тоа за спиење. Сега можете да замислите како ни беше внатре, немаше воздух да дишеме, бевме како сардини во конзерва – вели велешанка која со фамилијата се упатила кон Скопје на пред новогодишна прошетка.

Нејзините деца некако успеала да ги внесе во купе, каде биле и по десетина лица иако се за осумина. Се вратиле со автобус, бидејќи не сакала да се повтори истата сцена, иако имале купено билет за двата правци.  Редовните патници кои секојдневно патуваат до Скопје на работа посочуваат дека ваквата слика не е само изминатиот викенд туку и претходните  три седмици, откако стапил на сила новиот возен ред на МЖ.

Можеби е грубо, но железницата не третира како стока. Еве погледнете во какви услови патуваме, каква гужва е. Тоа е секој ден со овој воз, кој напладне заминува од Велес за Скопје и секогаш со еден вагон. Згора на тоа со новиот возен ред преку викендите и празниците повеќе возови кон Велес и обратно се укинати а од градот има илјада лица  со месечни карти кои на свој грб го чувствуваме ова. Јас работам до три а поради овие поместувања во сабота и недела, четири часа чекам на железничка во Скопје за да тргнам кон дома. Што воведуваат нови линии кога немаат вагони. Кон Куманово има три вагони кои се празни, за Велес еден и тој е преполн  – вели велешанец кој секојдневно е на пат со воз кон Скопје и обртно.

Патниците потсетуваат дека се случува поради неисправни локомотиви да патуваат до Битола или Скопје по седум наместо четири часови. Од ЈП МЖ објаснуваат дека новиот  возен ред е составен според проценки и анализа на бројот на патниците и нивните потреби, но и во согласност со бројот на вагоните со кои располагаат.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »