Петар Печков
Објавено: вторник, 19 ноември 2013
Следната година Велес ќе добие споменик на Јордан Хаџи Константниов Џинот, македонски просветител. Паметникот ќе се наоѓа во дворот од новиот објект на театарот во изградба, кој следната година треба да биде завршен. Ова го најави градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев одговарајќи на новинарско прашање.
Според програмата за поставување на споменици, предвидено е поставување на споменик на Јордан Хаџи Константинов Џинот. Тоа ќе се случи со средства од општина Велес, за што се предвидени средства во Буџетот до година. Така се подготвуваме за заокружување на една голема работа, завршување на татарот кој ќе го носи неговото име и поставување на негов споменик во кругот на театарот – изјави Чадиев.
Јордан Хаџи Константинов - Џинот бил македонски просветител (еден од зачетниците на просветителството во Македонија), роден кон крајот на 1821 или на почетокот на 1822 година, во Велес на Прцорек ,познато велешко маало, на левата страна на Вардар. Умрел на 29 август, 1882 година. Неговиот гроб се наоѓа во дворот на црквата “Св. Спас”. Јордан Хаџи- Константинов Џинот четири децении работел на воведување на просвета на народен јазик како писател и сестран творец од областа на културата. Џинот е првиот македонски драмски писател и просветител.
Годинава Асоцијацијата на архитектите на Македонија побра по повод 200 години од раѓањето на Андреја Дамјанов нему да му се постави споменик во Велес, затоа што неговото дело е малку забележано во културната историја. Дамјанов за вакво нешто ќе причека.
Ја следиме иницијативата за поставување на споменик на Дамјанов во Велес. Како локалната власт во тек сме со настаните. Во наредниот период ќе го решиме и тоа, но приоритет ни е за следната година споменикот на Џинот – изјави Чадиев.
Андреја Дамјанов (1813 – 1878) бил еден од најголемите градители на сакрални објекти на Балканот. Роден е во село Папрадиште, велешко. Со своите браќа, мајсторот Андреја градел цркви во Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и други земји на Балканот. За негова најубава и неповторлива градба се смета соборниот храм „Св. Великомаченик Пантелејмон“ во Велес, изграден во 1840 година.
Дамјанов е градител на црквата во манастирот “Св. Јоким Осоговски“ кај Крива Паланка како и на црквите „Св. Богородица“ во Ново Село, штипско и „Св. Архангел Михаил“ во Чичево. Во Србија ги изградил црквите „Св. Илија“ во Печењевац, „Св. Ѓорги“ во Смедерево, соборната црква во Ниш како и соборната црква во Сарaево. Андреја Дамјанов се смета за ненадминлив градител на сакралани објекти на Балканот.
Tweet |