Петар Печков
Објавено: петок, 30 јануари 2026
Советот на Општина Велес, на вчерашната седница даде согласност за продолжување на договорот за закуп на салата „Бели мугри“ од страна на Киноверзум, за да може прикажувачот да продолжи да работи, се до изборот на закупец по новиот јавен повик кој дополнително ќе биде распишан. Точката беше ставена на денвен ред како итна.
„Договорот за закуп со киното е завршен, до распишување на новиот повик и изборот на закупец, потребно е да го продолжиме договорот со сегашниот, за да може следните месец, два зависи колку ќе трае постапката, киното да продолжи со работа во интерес на киноприкажувачката дејност и љубителите на филмот“ – рече Панче Јанев, секретар на Општина Велес.
Веднаш по оваа точка беше изгласана нова за распишување на нов јавен повик за давање под закуп на салата „Бели мугри“ за дигитално кино, исто така во период од три години.
Киноверзум во Велес започна со прикажување на филмови на 19 јануари 2023 година. Закупот на техниката и на салата е на три години а месечната закупнина изнесува 30.707,00 денари без ДДВ. Киното се наоѓа во салата „Бели мугри“ која беше обновена и опремена со нова опрема, инвестиција од локалната власт вредна 76 илјади евра. Таа се отвори со прикажување на само еден филм, македонскиот „Стела“ на 10 октомври 2020 година и три години ниту опремата, ниту салата не беа користени.
Од 19 јануари годинава, се до денес 30 јануари, се додека не се продолжи договорот за користење на салата, Киноверзум Велес, немаше кино репертоар. Од година во година, според податоците на Државниот завод за статистика опаѓа бројот на кино гледачи овие три години кои ги посетуваат филмските проекции во Велес, иако се прикажуваат нови и актуелни светски дела. Со цел подигање на интересот за филмот, локалната власт започна да ги носи децата од основните училишта на кино проекции, а влезниците ги плаќаа општината.
Во Македонија освен во Скопје со редовна кино прикажувачка дејност се бави Киноверзум кој прикажува филмови во Штип и Велес.
| Tweet |




