Петар Печков
Објавено: петок, 27 септември 2013
ЈКП Дервен, согласно Законот за гробишта и погребални услуги (Службен весник на Р. Македонија бр. 86/08) од 14.07.2008 година и Измените и дополнувањата на истиот од 06.12.2010 година, пред околу две години започна со проект за реевиденција на гробните места кај црквата Св. Спас.
Реевиденцијата на гробните места опфаќа изготвување на проект за парцелизација и евидентирање на носители на гробни места. Целта на овој проект е решавање на проблемите со имотно -правните односи и исправка на личните податоци на носителите на гробните места. Ова практично значи дека сопственоста на сите гробни места конечно ќе биде утврдена, како и точниот број на гробни места што ги поседуваат имателите.
Во последните два месеца се изведува крајната фаза од овој проект, односно пријавување на носителите на гробни места во просториите на РЕ Комунална хигиена (кај Вардарската епархија), при што се утврдува нивната сопственост над гробните места и се одредува нова шифра за евиденција.
Се што треба да направат граѓаните е да дојдат со лична карта и фактурата, сметка за комунални услуги која ја добиваат од ЈКП Дервен, а среда и сабота се денови предвидени за увид на лице место на евентуалните проблеми или спорни ситуации.
Поради големиот интерес кај граѓаните за реевидентирање на гробните места што ги поседуваат, рокот за реевиденција се продолжи за еден месец. Досега се реевидентирани околу 1.800 гробни места од вкупно 4.000 постоечки гробни места кај црквата Св. Спас.
Во моментов во тек е и проектот за реевидентирање на гробните места кај црквата Св. Пантелејмон, односно започнато е исцртувањето на гробните парцели. По исцртувањето и завршувањето на реевиденцијата на гробните места во црквата Св. Спас, граѓаните кои имаат гробни места на овие градски гробишта ќе бидат навремено информирани кога треба да се пријават за реевидентирање.
Tweet |