Петар Печков
Објавено: сабота, 03 септември 2016
Веројатно понекогаш си го поставувате прашањето: како изгледал просторот на денешна Република Македонија, пред неколку милиони години? Дали планините, долините и котлините биле поинакви од денес? Каква била климата тогаш? Одговори на овие прашања даваат повеќе истражувања во последните децении, со кои донекаде може да се реконструираат географските прилики.
Пред 30-тина милиони години, планините во Македонија кои денес се извишуваат и над 2500 m (Кораб, Шар Планина, Пелистер, па и сите останати), биле многу пониски и со поинаков правец, а речните долини сосема се разликувале од денешните. Климата била значително потопла и повлажна, слично на тропско-саванската клима во Африка. Во тој период, во геолошката историја познат како горен олигоцен, започнале силни тектонски движења, распукнувања и „растегнувања“ на Земјината кора на овој дел од Балканот.
Како последица, се појавила вулканска активност и тоа првин во областа помеѓу денешно Кратово, Злетово и долината на Злетовска Река низводно од Емирица. На почетокот, овде биле активни само 3-4 вулкани, особено „Лесновскиот“, „Куновскиот“ и „Буковечкиот“, но подоцна, нивниот број се зголемил на преку 20.
Неколку милиони години подоцна, односно во периодот познат како горен миоцен, силни вулкани се појавиле и „беснееле“ од подрачјето на денешно Кокино на север, преку Страцин и Кратово, до Злетово, Спанчево и Кочани на југ. Секако, сите вулкани не биле активни едновремено, туку со текот на времето, постарите згаснувале, а кон запад и југ на областа се појавувале нови вулкани.
Воедно, се менувал и карактерот на ерупциите: од експлозивни и жестоки, со многу гасови и пепел, до помирни ерупции со значително количество на лава. Лавата се исфрлала во близина на кратерите, но парчиња и фрагменти од неа, летале на далечина од повеќе километри. Од тие парчиња лава, во воздухот, паѓајќи надолу се создавале таканаречени вулкански бомби.
Во зависност каква била лавата, колку далеку летале, на каков терен паѓале, вулканските бомби добивале форми на топка, бадеместа, плочеста, кореста, неправилна и др. Денес, на многу места околу Злетово, Кратово, Страцин, потоа на Манговица и други делови, има појави на вулкански бомби со пречник и над 1 метар.
Материјалот од вулканите, главно паѓал на копно, но и во околните езера кои постоеле на овие простори. Имено, пред околу 10-15 милиони години, на подрачјето на Македонија почнале да се создаваат котлинести депресии опкружени со ридови и планини. Постепено, овие депресии како што пропаѓале (тонеле), така подлабоко се исполнувале со вода, односно се формирале големи тектонски езера.
Така, денешната територија на Македонија, во еден период пред околу 5-10 милиони години била „земја на големи езера“. Едно од најголемите езера било во средното Повардарие, преку Овче Поле до Скопско подрачје, со повеќе заливи кон Кумановско, Овче Поле, Кочанско и други делови. Одреден период, вулканите исфрлале дел од својот материјал кон езерата, таложејќи го туфот – вулканската пепел, во слоеви, заедно со материјалот од блиските рекички.
Пејсажот во тој период бил спектакуларен: вулкани со жестоки ерупции и вжештени лави кои течеле кон големите езера во подножјето, кратки, но полноводни рекички со многу водопади, тропска вегетација по тогашните планини и сосема поинаков животински свет. И така, се до пред околу 2-3 милиони години, кога престанале да функционираат последните вулкани во Кратовско -злетовската област.
Пред околу 20-тина милиони години, големи вулкани се појавиле и на подрачјето помеѓу денешен Радовиш и Лакавица (Дамјанско, Бучимско). Десетина вулкани оставиле свои траги дури и во денешниот релјеф, во вид на вулкански купи и неколку слабо зачувани кратери или калдери.
Освен познатиот Пилав Тепе, живописни и карактеристични остатоци од вулкани, зацврснати лавични текови, туфови и вулкански бомби има северно од езерото Мантово, кај ридовите Плоча, Остра Чука, Орлова Глава и др. Со изградбата на добар асфалтен пат покрај езерото и долината на Лакавица, сите овие преубави вулкански пејсажи може да се видат и доживеат, како сведоци на едно бурно геолошко време.
Пред околу 10-тина милиони години, покрај споменатите претежно лавично-експлозивни вулкани, помеѓу Куманово и Страцин, кај денешното село Младо Нагоричане се активирала длабока пукнатина од која излегувала базична (вискозна) или доста течна лава. Со нејзино разлевање, стврднување и натрупување е создадена голема вулканска плоча долга 10-тина km, од Старо Нагоричане на север, до ридот Зебрник на југ.
Подоцна, од оваа голема лавична плоча, со раседи и ерозија се издвоени 8 помали плочи кои наликуваат на мали вулкански купи и ридови со зарамнет врв. Од нив, меѓу највпечатливите е Костоперска Карпа, каде има и богати археолошки остатоци.
Пред околу 5-6 милиони години, се активирала една од најмладите вулкански области на подрачјето на Македонија, која се протегала на западната и северната страна на планината Кожуф. Вулканите биле изразито експлозивни, со навистина огромно количество на пепел, гасови и друг пирокластичен материјал. Овој материјал се натрупувал со илјадници години во вид на дебели туфни наслаги северно од Кожуф, кај висорамнината Витачево.
Реките Вардар, Бошава, Луда Мара, засекле и еродирале делови од тие наслаги, формирајќи ја познатата и единствена типична висорамнина кај нас, а ни откриле и извонредни форми како што се камените кукли кај Конопиште, вулкански некови-чуки, вулкански бомби и др. Последните вулкани во Кожуфската област згаснале пред околу 1,5-2 милиони години.
Автор на текстот: д-р Ивица Милевски
Преземено од http://www.igeografija.mk/
Tweet |