Петар Печков
Објавено: петок, 08 јануари 2016
До темел изгоре куќата на Гуцеви, во стариот дел на Велес, откако во домот експлодирал телевизор. Настатно се случил околу 12,15 ч во домот на Маца Гуцева (76 год). Таа според соседите живеела сама во куќа на улица Благој Јосмов бр.19 а среќна околност била што кога дошло до експлозијата кај неа дома била ќерката.
Баба Маца дојде преплашена кај мена дома и вели куќата гори. Објасни дека штом го пуштила телевизорот, кој бил од старите видови, пукнал од експлозија. Огнот го зафатил мебелот и покуќнината. Таа трчанката, најбрзо што може со оглед на годините дојде кај мене. Ние ја згриживме и помогнавме. Викнавме пожарна - вели Ристе Велковски прв сосед до куќата на Гуцеви.
На местото на пожарот имаше петнаесетина пожарникари со три возила и едно од ЈКП Дервен. Како и во ланските пожари, во стариот дел на градот, и тука имаше проблем како да се стигне до куќата која беше во пламен.
Поради тесниот сокак и непристапноста, мораше да се гаси со сериско поврзување на противпожарните црева, во должина од стотина метри, од месноста Варналиите па до домот на Гуцеви.Според лекарите од Итната помош, старицата немала повреди, само била преплашена. Сосетката од куќата која е над Гуцеви објаснува старицата во тие моменти била со ќерката, што била среќна околност.
Ние живееме над куќата на Гуцеви. Јас ништо не приметив, иако спалната соба беше преполна со чад. Сосетката ми кажа што се случило, кога отидов да видам, собата полна со дим. Ја земав мајка ми, која е стара и неподвижна и избегавме од домот. Влегов пак дома и од прозор викам Маре, Маре излези од дома, за да се спаси, а таа веќе била истрчана. Беше на нога жената. Кога се случило, дома со неа била и ќерката и така најверојатно избегала од огнот - објаснува сосетката.
Допрва ќе се испитува материјалната штета од пожарот. Ланската година во Велес имаше пет големи пожари, во стариот дел на градот, а каде пожарникарите имаа потешкотии да стигнат и го гаснат огнот. Едно лице мината година беше и починато во домот кој беше зафатен од пожарот.
Tweet |