Петар Печков
Објавено: недела, 27 јануари 2013
Џвакањето мастики го поттикнува лачењето слуз која ги плакне бактериите и остатоците од храна во устата и е многу корисна кога по ручек немаме време или можност да ги измиеме забите. Исто така, докажано е дека џвакањето мастики го намалува стресот, го подобрува расположението и ја подобрува концентрацијата.
Од кора на бреза до Дабл-бабл
Во различни форми, гумата за џвакање е позната уште од неолитскиот период. Пет илјади години стара мастика од кора од бреза е најдена во Финска. Се смета дека катранот од кората на бреза има антисептички и некои други медицински дејства. Особено жените ги користеле гумите за џвакање за освежување на устата. Некои облици на гуми за џвакање се користени и во стара Грција. Грците џвакале мастики направени од смола од дрвото мастика.
Џон Б.Кертис во 1848 година прв направил и продал комерцијална гума за џвакање. Две години подоцна истиот господин почнал да продава парафин со вкус кој станал многу популарен. Во 1869 година Вилијам Финли Семпл станал првиот кој ја патентирал гумата за џвакање. Важна година во историјата на мастиките е 1914 кога е креиран брендот Вригли Даблминт. Заслужни за популарноста на овие мастики се Вилијам Вригли јуниор и Хенри Флер. Во 1928 година Валтер Дајмер прв успешно произвел розева мастика усовршувајќи го рецептот на Флер. Станува збор за популарните мастики Дабл бабл.
Во основата на секоја мастика има гума која е мешавина од природен латекс и синтетичка гума. Се додаваат засладувачи, разни ароми, средства за полирање заби и други состојки, во зависност од типот на мастиката.
Опасностите на аспартамот
По докажаното кариогено влијание на шеќерот врз забите, тој е исфрлен од мастиките за џвакање. Заменет е со вештачки засладувачи. Денес, еден од најпознатите засладувачи, аспартамот (се наоѓа во мастиките за џвакање и во сите производи без шеќер), според многу истражувања, се покажал како канцероген. Научните студии докажале појава на некои видови тумори кои можат да се појават доколку се конзумираат производи кои содржат аспартам. Тој се состои од аспартамска киселина, фениланин и метанол и во книгата „Prescription for Nutritional Healing“ е ставен во категоријата на хемиски отрови. Наречен е сладок отров. Денес има тенденција да се создаде мастика без вештачки засладувачи (кои се штетни за човечкиот организам) и без шеќер (кој предизвикува кариес и дебелее).
Магична стевиа
Од природните засладувачи (моментално најпопуларна) е стевиата која досега покажала најдобри својства. Стевиа Ребаудиана е билка која потекнува од Парагвај каде што се користи како засладувач на горчливите лековити производи повеќе од 1500 години. Нејзините состојки ја прават и до 300 пати поблага од обичниот шеќер. За разлика од шеќерот не предизвикува кариес, спречува настанување на забен плак, нема калории ниту штетни нуспојави како вештачките засладувачи и отпорна е на високи температури. Засега, на нашиот пазар нема мастики засладени со стевиа.
Пријателски ксилотол
Ксилотолот (шеќерен алкохол) е позната состојка на денешните гуми за џвакање. Тој се смета за пријател на забите бидејќи го спречува настанокот на кариес. Имено, може да се искористи во метаболизмот на бактериите, па нема создавање на киселини, а со тоа нема ниту деминерализација на површината од забот и настанување кариес. Но, тој ефект трае само пет минути од почнувањето на џвакањето, а потоа ксилотолот исчезнува.
Зошто е добро да се џвака?
Студиите покажале намалување на бројот на Стрептококус мутанс (СМ) и зголемување на слузот (се намалува киселоста) кај децата кои џвакале мастики, а тоа било особено изразено во таа група која џвакала мастики со ксилотол. Слични истражувања се спроведени и врз трудници кај чии новороденчиња е докажана одложена појава на СМ.
Исто така, докажано е дека џвакањето го намалува стресот, го подобрува расположението и концентрацијата. Џвакањето кај пациентите во постоперативните фази од некои гастроинтестинални и уринарни операции го забрзува опоравувањето.
Никотинските мастики се користат за одвикнување од пушењето, но кај долготрајното користење доаѓа до појава на негативни влијанија на никотинот (на пример, карциноми во подрачјето на усната шуплина).
Џвакањето мастики го поттикнува лачењето на слуз која ги плакне бактериите и остатоците од храна во устата и е многу корисно кога по ручек немаме време или можност да ги измиеме забите. Доволно е да проџвакаме некоја мастика за освежување на здивот и за 5-10 минути таа ќе го постигне она за што е наменета.
Мастиките, како и сите други работи во животот се помошно средство кога се користи во разумни количини. Служат за освежување на здивот, за површно чистење на забите, како помош за одвикнување од пушењето, како средство кое ќе ве разбуди, како замена за нешто благо. Со претерана конзумација на аспартамски и никотински мастики, ризикувате карцином, како и оштетување на зглобот на вилицата заради непрестаното џвакање. Затоа, стоматолозите советуваат, додека не се појави некоја сосема безопасна мастика, да ги џвакате само оние без шеќер и тоа во разумни количини и време.
текстот е преземен од МИА
Tweet |