Петар Печков
Објавено: среда, 25 јуни 2025
Доживотен затвор за Љупчо Палевски како извршител и за Велибор Манев, Боре Видески и Влатко Кешишев за учество и помагање, им беше изречена казна за свирепо убиство. Тие првостепено се осудени на убиството на детето Вања Ѓорчевска -14 години и за Панче Жежевски 74 год. Ова е одлука на петчлeниот судски совет при Основен кривичен суд Скопје, каде претседаваше судијата Ивица Стефановски, кој неговата кариера ја започна како државен правобранител 2010 година во Велес.
Во образложението, судијата кажа дека на 27 ноември 2023 во седум часот, по насока на Палевски, Видевски и Манев ја грабнале Вања со намера од член на семејството да изнудат пари. Кога детето излегло од лифтот, ја чекале Видевски и Манев. Ја фатиле за устата и половината, ја совладале, заканувајќи ѝ се да не вика.
Во вреќата за спиење ја ставиле на стомак, Манев ја врзал за рацете и нозете, Видевски ѝ се заканил да не вика оти ќе пукаат, Манев ја ставил преку рамото и ја сместиле во гепекот на „ситроенот“ на веќе покојниот Панче Жежовски.
По насоки на Палевски, ја однеле на местото Дупки кај Бразда и изложувајќи ја на тешко психичко страдање, Палевски ја убил. Таа починала веднаш од куршумот што ѝ поминал низ мозокот, сѐ до пршлените.
Потоа судијата се врати назад на убиството на Панче на 22 ноември 2023. На ист начин, Манев го нападнал, Видевски го совладал и му залепил лента на устата. По насоки на Палевски, го однеле на местото Рудник над Велес, Палевски го убил, со еден куршум му го растурил мозокот. И во двата случаја, возел или чувал стража, односно логистика им бил Влатко Кешишев.
За кривичните дела грабнување на детето Вања Ѓорчевска и Панче Жежевски, сите четворица обвинети Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев добија казна затвор од по 10 години за грабнување. Согласно Кривичниот законик судијата Стефановски на четворицата обвинети им изрече единствена казна доживотен затвор.
Таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, е ослободен од обвинението.
Во завршен збор четворицата обвинети кажаа дека не се чувствуваат виновни. Нивните адвокати најавија жалби на пресудите. Обвинителството ќе ја обжали ослободителната пресуда за таткото на Вања.
| Tweet |





