речник контакт

Доколку сакаш да пратиш порака, напиши СМС или оди во Пошта, театарот е за забава, кажа Михајловски при добивањето на наградата Прличко

Во годините што доаѓаат ќе ме гледате само на театар, телевизија, филм. Се извинувам за сите излети што во минатото сум ги направил надвор од сценат

Петар Печков

Вчеравечер на сцената на велешки театар, на Тони Михајловски му беше врачена наградата „Петре Прличко“ за живното дело. Неа му ја врачи градоначалникот на Велес  Марко Колев и таа се состои од чек од 500 евра и плакета со ликот на Прличко. 

Михајловски минатата година одбележа  30 години кариера.  Првата награда  која ја има добиено е  исто така со име на велешки актер „Трајко Чоревски“  за млад актер на Фестивалот „Војдан Чернодрински“во Прилеп,  која ја добил уште недипломиран на 4-та  година ФДУ. При добивањето на наградата „Петре Прличко“  кажа дека не подготвувал  говор и го обземале емоции. 

„Моето мото за театарот е, доколку сакаш да пратиш порака, напиши СМС или оди во Пошта, театарот е за забава. До ова се држев сите три децении, се забавував на театарските штици, и тоа го префрлив преку сцената во публиката. Оваа награда е доказ дека сум успеал во тоа. Вработен  сум три пати во МНТ - 1993 кога дипломирав  па си дадов отказ,  па 1998 ме вработија и ме избркаа за два  месеци и во 2013 по трет пат се вработив. Јас сум човекот со хет трик со три вработувања во МНТ “ – кажа Михајловски. 

Заблагодарувјќи се при добивањето на награда за животно дело, Тони Михајловски на сцената рече дека ја  очекувал подоцна во животот, но и се извини за сите негови излети надвор од сцената.

„Во годините што доаѓаат ќе ме гледате само на театар, телевизија, филм.  Се извинувам за сите излети што во минатото сум ги направил надвор од сцената“ – кажа Михајловски, мислејќи на неговиот политички ангажман во времето на Никола Груевски.  

Жирито во состав Слободанка Чичевска, Фаик Мефаиловски и Благојчо Стојанов едногласно одлучи годинава добитник на наградата Петре Прличко да биде Михајловски.  

„Михајловски е актер кој вредно и трпеливо ја гради својата кариера и прерасна во еден од најдоминантните појави не само на Македонската, туку и на Балканската театарска и филмска сцена. Тони е еден до ретките наши актери, чиј широк актерски распон е препознаен и вреднуван и надвор од домашната продукција“ е дел од образложението на жирито за наградата.

фото ФБ/5РЕ

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »