Петар Печков
Објавено: сабота, 03 септември 2016
Дел од младите со карта во еден правец го напуштаат градот, државата и се празни. Еве еден редок пример, на враќање на домашното огниште. Тоа го стори Горица Лозе, родена велешанка, мажена за Германец со моминско презиме Петровска . Четириесет и кусур години живеела во гратче кое е стотина километри оддалечено до Дортмунд. Пред една година таа се враќа дома, во родниот Велес.
Доволно беше живот во Германија и од лани со сопругот дојдовме да живееме во Велес. Таков беше договор, кога се земавме. Јас живеам до пензија во Германија, потоа двајцата доаѓаме назад во Велес. Така се договоривме, така и бидна. Сопругот го запознав таму и останавме, завршивме со работа и во пензија па назад – објаснува Горица. Неа ја запознав на пливачкиот маратон, потоа за неколку дена ја видов на Сладоледијадата. Каде има настани, таа е присутна во Велес. Сака да комуницира со луѓето, да се дружи, забавува. Постојано е ведра и насмеана. Како го доживеа Велес по четири децении, откако замина, за да се врати.
И мене и на сопругот ни се допаѓа. Убаво е. Се дружиме со комшиите, на кафе на муабет. Задоволни сме и двајцата од тоа што го имаме. Дома си е дома, тука е најубаво – додаде Горица. На прашањето зошто се врати само кратко и со насмевка одговори ,,Од кал да си од Велес да си,,.
Tweet |