речник контакт

Домовите на велешани украсени со цвеќе

Велешани се повеќе одгледуваат цвеќе и се враќа традицијата, домовите да бидат украсени со зеленило.

Петар Печков

Терасите, дворовите и домовите на велешани ги краси цвеќето кое се повеќе е присутно во куќите и ја разубавува околината. Од година во година се поголем е интересот за поубава средина во која живеат граѓаните. Повеќето велешани цвеќето го набавуваат од градските пазари, дел бесплатно го подигнуваат од расадниците а за жал има дел кои го присвојуваат од парковите.

- Веќе пет години сум присутен на Градскиот пазар и сведок на порастот на побарувачката на цвеќе. Факт е дека секоја година се повеќе се бара и купува. Ако на почетокот бев сам, годинава имам дури петмина колеги кои продаваат расад, што говори дека има голема потрошувачка. Таа за овој период е зголемена за пет пати - вели Митко Стојанов од Гевгелија. Тој има расадник и бидејќи како него има многумина во родниот крај кои се бават со истата дејност, решил  цвеќето да го продава на велешкиот пазар. Сега тука има продавачи до Струмица, Гевгелија, Богданци кои се задоволни од бизнисот.Традицијата да се красат објектите каде живеат има долги корени кај велешани, но таа сега се возобновува.



- Погледнете колку цвеќе има по дворовите и балконите, тоа дава убава слика на градот. Последните години велешани се вратија на адетот од нивните стари, да одгледуваат цвеќе. Убаво би било кога локалната власт би спровела акција да се наградуваат тие што имаат најубави површини - вели Панче Николов, чија куќа посебно се одвојува со хортикулурното уредување. И додека повеќето велешани со цветен расад се снабдуваат на Градскиот пазар или по стариот добар обичај со размена со пријатели, некои, во помал број, цвеќето го крадат од парковите или пак бесплатно го добиваат од РЕ Паркови и Зеленило.



- Од година во година се помалку се случува да се земаат цвеќињата од јавните површини. Ова се должи на тоа што  ЈКП Дервен произведува расадни материјали и зимзелени дрвја за потребите на граѓаните кои ние бесплатно ги делиме  за уредување на дворните површини – велат од ЈКП Дервен. Тие за оваа цел имаат два расадника кои се чуваат подалеку од очите на јавноста, но од нив се дели расад на сите заинтересирани. Крајниот ефект од ова е разубавена слика на Велес на задоволство на сите.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »