речник контакт

Донева изработува народни носии

Велешанката Благородна Донева ја продолжува традицијата на изработка на македонски народни носии.

Петар Печков

Велешанката Благородна Донева ја продолжува традицијата на изработка на македонски народни носии. Таа иако млада по возраст пред една година започна да се бави со овој стар занает, кој го работеле нашите баби. За една година откако постои  работилницата „Ноне-Етно-Арт-Сувенир“ таа изработи 27 народни носии, машки, женски и детски од повеќе делови на Македонија. Иако можела да работи и друго, Нона се решила на овој несекојдневен и малку привлечен бизнис.

- Имаме многу богат фолклор, кој не смее да дозволиме да изчезне. Треба да го обновувавме за идните генерации, тоа беше мојата инспирација да започнам со оваа работа – вели Донева. Започнала да работи со минијатурни кукли и автентични сувенири, за сега да шие и везе македонски народни носии. Една носија ја работи по 2-3 седмици, материјалот го купува а потоа следи најтешкиот дел, креирањето на облеката. Една носија чини околу сто евра. За се што ќе сработи мислење бара од нејзиниот татко, академскиот сликар Ангел Петров.

- Изработката на носиите е уметност. Пред за започнам со креацијата ги разгледувам стручните списанија кои ја обработуват оваа тематика. Мора да се внимава на секој детал, каде е што на носијата – објаснува Благородна. Таа додава дека во македонскиот фолклор преовладуват двете национални бои црвена и црна, плус белата. Работно време нема за работа, но требат трпеливост и инспирација. Женската облека се состои од елек, фута, кошула, сукња, марама и торба додека машката од елек, кошула, појас и чакшири (панталони).

- Секоја носија има своја карактеристика и тежина. Јас со задоволство ги работам галичката, мариовската, беровската и скопската од околината на Црна Гора. Сите тие имаат додатни орнаменти кои ги прават поубави и привлечни за око – вели Донева.  

За нејзината работа интерес пројавуваат играорните друштва, етно-ансамблите, ресторани и кафеани кои се уредени во фолклорниот амбиент.  Ноне е една од десет жени од Велес кои се самовработија откако отворија свои фирми преку проектот „Семеен бизнис“ финансиран од Финската Влада. Таа годишнината од започнувањето на овој бизнис, со кој ги одржува фолклорот и традицијата, го одбележа со изложба во нејзиниот дом на сите 27 изработени народни носии.

\"\"

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »