Петар Печков
Објавено: понеделник, 30 декември 2019
Советниците го усвоија Буџетот на Општина Велес за 2020-та година, кој е во висина од 932.929.357 денари. Основниот Буџет е проектиран на 301.346.346 денари.
Најголемо учество во вкупните приходи со 69 % имаат трансферите и донациите од Владата, наменети за финансирање на образованието, културата, социјалната заштита и пожарникарството. Тука се планирани и трансферите од Агенцијата за патишта, дотациите од приходи од ДДВ, тековните трансфери.
За 2020 година капиталните приходи се проектирани на износ од 34,88 милиони денари,односно 3,74% од вкупно планираните приходи. Тоа се средства од продажбата на градежното земјиште, надоместок за концесии за експлоатација на минерални суровини, од наплатени приходи од легализација на бесправно изградени објекти.
Даночните приходи за до година се планирани на 161 милион денар. Најголемо учество имаат приходите остварени од даноците од специфични услуги - комуналните такси за привремен престој,од фирмарина, комуналните такси што се плаќаат при регистрација на возилата, комуналната такса за уличното осветлување, надоместокот за уредување на градежното земјиште.
На даноците на имот отпаѓаат 30,43%. Ако посебно се анализираат само даноците од имот, најголемо учество во вкупниот износ има данокот на имот, па данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности.
Од расходите локалната власт ќе потроши 113.065.000 денари за инфраструктура, за одржување на урбана опрема, снабдување со вода, одведување и пречистување на отпадни води, јавно осветлување, одржување на локални патишта, јавна чистота и одржување на користење на паркови и зеленило и други комунални услуги, изградба на јавно осветлување, улици, паркинзи, тротоари, потпорни ѕидови, водоснабдување, инфраструктура во индустриски зони и сателитски населби. Овие средства ќе се реализираат согласно програмата за уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина на просторот на Општина Велес за 2020 година.
Најголем дел од Буџетот се блок дотации 69%, а останатиот е многу мал за да се очекува нешто значајно во изградбата во општината. Со капитални приходи од 3,74% не можеме да зборуваме за развоен буџет, кој ќе донесе сериозни придобивки. Затоа вакво Буџет не можеме да поддржиме - рече Нада Трајкова, координатор на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во велешкиот Совет.
Не согласување со ваквата констатација изрази советникот Стево Крстевски од владејачкото мнозинство на СДСМ.
Сакам да им порачам на граѓаните дека во следана година ќе започне изградбата на затворен Градскиот пазар, средства добиени од Владата кои не се влезени во општинскиот Буџет. Да ја потсетам јавноста дека во двата претходни мандати, освен два кружни тека кај Авона и на влезот од Штипско џаде, друго немаме - рече Крстевски.
Со 13 гласа ,,за,, и седум ,,против,, беше донесен Буџетот на Општина Велес.
Tweet |