Петар Печков
Објавено: понеделник, 02 март 2020
Живко Христов помина повеќе од две илјади километри воздушна линија, од Хелсинки до Велес, за да дојде во родниот град на Чист понеделник. Ниту патувањето и корона вирусот, ниту сезонскиот грип , не беа закана за овој велешанец да мине неколку часа со старите пријатели, на местото од неговата младост.
Пред три години бев домаќин на манифестацијата и годинава почувствував силна желба пак да дојдам, и дојдов. Носталгијата, пријателите од младоста, беа посилни од се од сите закани од разни болести. Потоа родниот град - Велес, моето маало - Мегдан, татковината, се да видам во овие неколку дена - вели Живко.
Тој во Хелсинки живее 32 години, со неговото семејство. Но многу му недостигаат пријателите од младост и вели дома е дома. Секој прв понеделник после Прочка, во месноста Мегдан, во Велес, близу црквата Св. Пантелејмон, локалните жители организираат Чист понеделник.
Се подготвува за ручек бел грав, без запршка и се дели на гостите, кои доаѓаат од различни делови на градот. Но има и мештани кои живеат во Скопје и специјално за оваа пригода доаѓаат на Мегдан, на бел грав, на дружба и муабет
Tweet |