Петар Печков
Објавено: четврток, 17 јануари 2019
На јавниот повик на ИПАРД 2 програмата за модерно конкурентно земјоделство, во канцеларијата на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Велес досега стигнале дваесетина апликации. На јавниот повик на кој започна на 26 декември и ќе трае до 9 февруари, надлежните очекуваат да бидат поднесени околу 50-тина апликации за поширокиот велешки региона во кој влегуваат и општините Градско и Чашка. На овој повик, за разлика од претходните, нема поддршка на земјоделците за трактори, туку за приклучна земјоделска механизација.
Овој повик е за секаков вид приклучна земјоделска механизација, за систем капка по капка и користење на производствена енергија од обновливи извори, за што земјоделци од велешко веќе пројавија интерес за набавка - кажа Тони Тасков раководител во АПРЗ во Велес.
Со оваа мерка може да се градат или реконструираат објекти за добиточна храна, складишта за храна, оранжерии, капацитети за ладење- калибирање и пакување на земјоделските производи.
Со оваа мера земјоделците можат да вратат од 60 до 70 проценти од трошоците од инвестицијата, која ја направиле. Земјоделците откако ќе ја реализираат инвестицијата, во рок од шест месеци треба повторно да се јават кај нас, да им помогнеме да достават повторно барање до Платежната агенција за да се вратат дел од вложените средства - додаде Тасков Минималната инвестиција треба да биде 3.000 евра без ДДВ.
Вчера на Хотел Романтик се одржа инфо ден за ИПАРД програмата а се однесува на постапките и начинот за аплицирање за мерките 1 и 3 од програмата, во рамки на кои на располагање се 25 милиони евра.
За време на инфо денот во Велес, информираа организаторите, биле направени практични вежби во неколку работни групи за подготовка на Технички предлог проект и Деловен план на претпоставени предлог проекти за мерка 1, а бил претставен и на успешно реализиран проект од претходен јавен повик.
Tweet |