речник контакт

Дојде време за годинашнава берба на грозјето, некои лозари уште не ги добиле парите од предадениот род лани

Лозрите не се задоволни и од понудените откупни цени

Петар Печков

На дел од лозарите во Тиквешијата, уште не им  е платен ланскиот предаден род на грозјето. Неколку винарници,  ги должат  парите кон лозарите иако е на прагот бербата за годинешната реколта. 

Лозарите се жалат,  дека го  предале грозјето а финансиите  уште не легнале на нивните сметки. Заради остарување на нивните права, започнале судски постапки, па така  плаќаат дополнителни трошоци. Стефан Стојчев од Кавадарци има 30 хектари лозје но и 30 хектари жито.

„Грозјето го предадов во „Сковин“, имам побарување од 10 илјади евра. Не ми е платено па започнав судска постапка, тужбите од март не се реализирани. Годинава имам род на 250 тони вранец, нема каде  да го складирам, не сакам да го дадам, цената е ниска. Принуден сум да го предадам, оти морам да си ги вратам вложените средства.  Зголемени се цените на вештачкото ѓубре, на препаратите, работна рака нема. Прашање е како ќе ја преживееме сезоната, дали ќе спечалиме -тешко“ - вели Стојчев.

Лозарите  повторно го актуализираат големиот  проблем за нив, немање на аргати  за берење грозјето. Го решавале ден за ден.

„Уште денар немам добиено од ланското грозје, го предадов на „Сковин“. Пуштивме тужби и од нив ништо, нема резултат.  Затоа во Тиквешијата масовно се искоренува виновата лоза. Трошоците за работа се зголемени многукратно но не и откупната цена на грозјето, таа многу ниска“ - кажа Диме Соколов, кој имал три хектари со лозје.

Годинава лозарите од Тиквешијата проценуваат дека се очекува род на 80 милиони кг. грозје. Стравуваат дали се ќе се обере, по искуството од ланската година, кога не е  платено на сите предаденото грозје.  

„Грозјето го предадов во „Афродита“ Штип. Ми ветија грозјето ќе го платиме на три рати. Платија три рати по 15 илјади,ама ни половината не е исплатено. И што сега, да тужам, кого“ - рече Ванчо Дамјанов   лозар од Кавадарци.

Лозарите реагираат на понудената откупна цена.  Таа  според откупувачите е за 2 до 3 денари повисока  од лани, на смедеревката е 12,5  додека на вранецот е 16 денари за килограм. Лозарите се жалат дека оваа цена  била ниска и  условена со висока  шеќерност.

„Цената на еден килограм грозје е колку едно лижавче, две кила се колку едно шише вода. Цена на грозјето во  државите од  регионот е од 25 до 50 отсто со повисока цена. Памтиме кога за еден килограм грозје се купуваа три леба. Асталското грозје го откупуваат 25 денари за кг. а на пазар го продаваат трговците за 50-60 денари. Ете како завршува нашата мака “ - вели Ѓоко Крстев од  Здружението „Лозаро -производители“ од Неготино.

Годинава проблем  освен  незадоволството од понудените цени, е  и што останаа малку визби кои ќе го откупуваат родот. 

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »