Петар Печков
Објавено: четврток, 08 февруари 2018
На работилницата која вчера, среда, се одржа во Велес, беше презентирано истражување од институцијата Народен правобранител за рециклирање и правилно складирање на отпадот. Првиот човек на оваа институција, Иџет Мемети со констатација дека со години државните институции не посветуваат доволно внимание за зачувување на животната средина и не се преземаат конкретни мерки, иако законодавството е усогласено со тоа на ЕУ.
Има закон но во пракса истиот не се спроведува, поради недоволната совест на тие што треба да го спроведуваат. Поради тоа им порачувам на надлежните во земјава, сериозно да пристапат кон квалитетно спроведување на прописите. Истовремено без одлагање да пристапат кон изградба на прописни регионални депонии според сите стандарди заради остварување на правото на граѓаните за живот во здрава животна средина - рече Мемети.
Граѓаните на Македонија имаат право на здрава животна средина и властите, било локални или државни мора да сторат се, за да им овозможат живот во подобри еколошки услови. Проблемот со цврстиот отпад и депониите да се реши, заеднички во интерес на жителите. Ова го порача Холандскиот амбасадор Воутер Пломп, чија земја со свои стручњаци го поддржа проектот „Циркуларна економија, искуства на локалните самоуправи во управување со отпадот“
Луѓето во Македонија заслужуваат решенија за проблемот и од присутните имаше согласност дека ова е тоа е проблем во однос на човековите права. Меѓутоа тој може да се реши со заеднички пристап на централните институции, Министерството за животна средина и градоначалниците, директорите на комуналните претпријатија кои што работат со отпадот и со нашата холандската вклученост и помош од нашите искуства - изјави амбасадорот Пломп.
Нико Бојаџиев, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител, презентираше поразителни податоци за состојбата со одлагањето на сметот. Половината од општините го депонираат отпадот а само во една од пет вршиат селектирање на отпадот и тоа делумно.
Во Македонија 42 од општините го депонираат отпадот, а регионални депонии користат 14 општини. Само 19 општини во земјава вршат делумно селектирање на отпадот. Во најголем дел од селските - рурални населби сметот не се собира и се расфрла насекаде. Затоа диви депонии никнуваа насекаде покрај патиштата, шумите, плажите, реките и буквално насекаде - кажа Бојаџиев повикувајќи се на истражувањето за депонирање и управување на отпадот во 2016 година, спроведено од тимот на Омбудсманот.
За моменталната ситуација со отстранување на отпадот зборуваше Јадранка Иванова, раководител на Секторот за ЕУ при Министерството за животна средина и просторно планирање. Таа нагласи дека во земјава не постои депонија освен Дрисла, која ги задоволува стандардите за селектирање и депонирање на отпад и која е во согласно со Законот за управување со отпад.
Отпадот кој ќе се одлага на новите регионални депонии, ќе биде соодветно третиран, ќе се селектира, ќе се вадат корисните фракции и тоа што останува на крај ќе се депонира. Не станува збор за класична депонија кои денес ги гледаме, туку за еден многу современ систем. Во новите регионални депонии се ќе биде направено според ЕУ стандардите и најмал исцедок нема да продира во почвата и нема да има никакво загадување на подземните води и земјиштето. Најблиску до изградба на овој систем од осумтте региони во земјава се два - Источниот и Североисточниот регион. Тие веќе имаат обезбедено средства во рамките на ИПА 2 фондот .Тоа се околу 39 милиони евра и годинава треба да почнат јавните набавки, да се започне со изградба на самите депонии, набавка на возила и контејнери на сите комунални претпријатија кои се вклучени во овие региони - потенцираше Иванова.
На оваа работлница присуствуваа и дел од градоначалниците на општините, кои ја искористија можноста да го кажат ставот дека не се согласуваат со локацијата за изградба на регионални депонии, во нивната општина, и побараа да се преиспитаат понудените локации.
Tweet |