речник контакт

Дрогата зема крвав данок во градот

Тројца починати нарко зависници за неколку месеци во Велес, при што за три до четири пати е зголемен нивниот број за последните три години.

Петар Печков

 Ако во 2007-та имало 250 лица кои ја користеле на дрогата, денес бројката е околу илјада, сметаат упатените во оваа проблематика. Ова е црниот биланс на наркоманијата која се шири  во градот, се повеќе млади  станува  нејзини зависници. Статистиката покажува дека најголем дел од нив се социјални случаи без примања, без здравствена заштита, невработени. Најмладиот евидентиран зависник  има само петнаесет години. Тие сакаат да бидат излекувани, но во градот нема можност за такви нешто.

Јас, како и секој човек сакам да живеам. Затоа барам градот, државата да ни помогне. Сите остро реагираат ако бубрежно болните немаат добри апарати па патуваат во друг град или  шеќерашите немаат инсулин. Дали е нормално ова што нас ни се случува, да бараме спас а сите да ги веднат главите. Имам семејство, сакам да бидам со нив – вели нарко зависник од Велес.

Тие веќе подолго време бараат метадонски центар за нивно лекување, но него го нема, локалната декларативно  ветува, во пракса ништо не се случува. Затоа зависниците се принудени да патуваат до Скопје или Штип, каде се најблиските центри. Тие освен со дрогата се борат и со предрасудите, неодамна изработена анкета покажала дека дури 93 отсто од граѓаните не сакаат за сосед да имаат  нарко –зависник, 85 отсто пак не сакаат да имаат во близина алхоколичар. Зависниците раскажуваат дека во градот навлегува и кокаинот и тоа најчесто за матурските забави. За еден грам се плаќа 50 евра, го купуваат групно завршените средношколци и ова количество потоа можат  да го користат 12 лица.

Голем хит во градот, веќе две години е кокаинот за матурската вечер. Го земаш попладнето и имаш луда вечер,  забава, и не се уморуваш до следниот ден. Затоа тој е многу баран а може да го купи секој, бидејќи за таа вечер пари секогаш има. Но тоа е потенцијална опасност да се навлечеш да ја користи дрогата и натаму – вели завршен средношколец кој не ја пропуштил можноста со друштвото да набави кокаин за најважната вечер на средношколците, матурската.  Стручњаците сметаат дека  е потребна поголема општествена акција за лекување на зависниците.

Зависниците се луѓе на кои навистина им треба помош за да не завршуваат во затвори и бидат лош пример. Затоа е  неопходно потребен Центар за зависности бидејќи без него не може да се лекуваат пациентите. Од непосредниот контакт, со нив најтешко е кога тие имаат празен шприц  и криза, ние докторите и фармацевтите тоа најдобро го чувствуваме и знаеме. Како да им се помогне тогаш, кога немаме суспститицона терапија која би им ги ублажила тие моменти  - вели Катица Николова невропсихијатар од велешката Болница.

Таа смета дека бројката од 250 зависници од 2007-та е далеку повисока денес. Со идентичен став и  волонтерите  од  Советувалиштето на Црвениот Крст за превенција  на зависниците. Тоа досега поделило 10 илјади игли, 6 илјади шприцови и 3,5 илјади кондоми на нивните посетители, за  превенција да не се заразат со ХИВ вирусот или со Хепатит Ц.

Оваа наша активност е со цел да им се помогне на зависниците за заштита од различните болести кои ги демнеат. Овие програми не покажале дека така се регрутираат нови зависници.  Резултатите покажуваат дека во градот нема ниту еден зависник кој е ХИВ позитивен, но за жал дури 80 отсто од нив имаат Хепатит Ц вирус. Програмата економски е далеку поевтина бидејќи годишно чини 15 илјади евра а терапија за едно лице  со хепатит Ц е 17 илјади евра. Освен што им нудиме здрав и чист материјал, ние организираме креативни работилници каде се изработува накит, кој потоа се продава во хуманитарни цели. За жал во Велес најголем проблем за зависниците е што нема Центар за метадонска терапија – вели д-р Мартин Хаџинаумов координатор на Советувалиштето. 

Неговите членови заедно со активистите на Црвениот крст, еднаш неделно го чистат Велес од употребен материјал и прибор, шприцови и игли од зависниците.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »