Петар Печков
Објавено: недела, 18 септември 2022
Евгениј Поп Ацев е победник на Купот во далечинско пливање, кој денес се одржа на велешкото езеро Младост. Победникот се решаваше во финишот помеѓу Поп Ацев и Александар Илиевски. Тие последните неколку стотина метри ги плива еден покрај друг, иако се пливаше на патека од 5 км, а судијата на целата одлучи дека победник е Поп Ацев.
Кај жените победи единствена учесничка Јана Костадиновска. Велешкиот куп во далечинско пливање беше последен од четирите во организација на Пливачката федерација на Македонија, претходните три се одржаа во Преспа, Крушево и Охрид. Севкупниот победник во далечинско пливање ќе биде познат дополнително.
На велешко езеро се пливаа и натпревари во различни возрасни категории, со вкупно 44 учесници од Македонија и Бугарија. Пливачите имаа тешки услови за пливање, поради ветерот кој во дел од патеката дуваше и го отежнуваше пливањето на учесниците.
Настанот беше финансиски поддржан од Општина Велес, а паричните награди во висина од илјада евра ги обезбеди „Дине отпад“.
Велешкиот пливачки маратон го организираше Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“ и ККК „Бабуна“ финансиски помогнато од Општина Велес. Од Пливачката федерација на Македонија најавија дека овој настан го пријавиле до Европската пливачка федерација ЛЕН да биде дел од Европскиот куп во далечинско пливање, за следната година.
Tweet |