Петар Печков
Објавено: четврток, 18 јули 2013
Интернационален фестивал на античка драма „Стоби-2013“. се заокружи со изведбата на претставата „Евридика“ на Драмскиот театар од Скопје на сцената на амфитеатарот во Стоби. Така на 12-тиот Фестивал остана само да се дознаат наградените.
Сметам дека разбирањето, љубовта или меѓусебната комуникација меѓу луѓето е она што ги движи работите понатаму во позитивна насока. Токму преку оваа претстава се обидов да докажам дека движечката сила на сите нас е љубовта, без разлика дали е меѓу татко и ќерка, маж и жена, љубовници и слично, изјави режисерката Нина Николиќ, по претставата.
Улогите во претставата ги толкуваа Маја Вељковиќ-Пановска, Игор Ангелов, Диме Илиев, Софија Куновска, Биљана Драгичевиќ-Пројковска, Нина Деан, Филип Трајковиќ и Соља Стамболџиоска.
- Кога родителите заминуваат од овој свет засекогаш, ни недостасуваат во се и тука се сместува Евридика која се навраќа кон љубовта за својот татко и своеволно заминува во подземниот свет. Докажува дека родителската љубов е ненадоместлива, а загубата огромна, потенцираше актерката Маја Вељковиќ-Пановска, која ја толкува улогата на Евридика. Таа беше воодушевена од просторот во Стоби.
В сабота, на 20 јули во Стоби ќе се изведе уште претставата вон конкуренција на фестивалот, „Шекспир во приказни“ на Турскиот театар од Скопје, работена по текстовите на Вилијам Шекспир, а во режија на Кери К. Невзати.
Во конкуренција од три претстави од Македонија,Турција и Србија, в сабота вечер ќе се доделат наградите на 12. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби 2013“ . Тоа се Гранпри за најдобра претстава, за режија и за машка и женска улога. Тричленото жири во состав Зорица Панчиќ, Крсте Џидров и Нела Витошевиќ ќе решава за добитниците на статуетката Афродита.
Tweet |