речник контакт

Египетските пирамиди повторно во опасност

Кој и зошто повикува да се урнат пирамидите во Екипет?

Петар Печков

Муслиманското братство и селефиските партии негираат дека стојат зад повикот на уривање на египетските пирамиди и Сфингите.

Селефиите во Египет го привлекоа вниманието на светската јавност со контроверзниот повик за уривање на египетските пирамиди и Сфингите, тврдејќи дека тие се идолопоклонички и поради тоа спротивни на исламот.

По револуцијата која го симна режимот и го стави Хосни Мубарак зад решетки, со Египет завладеа Муслиманското братство. Тоа братство поттикна страв од појава на конзервативни вредности, кои можат да ја ограничат слободата во земјата. И селефиите сега се дел од египетскиот политички мозаик. Гостувајќи во ноќно говорно шоу на една од египетските телевизии минатата недела, познатиот селефија Мурган Салем ал-Гохару го изрази својот став за египетските пирамиди.

- Какви било статуи или идоли кои биле обожувани, или кои можат да станат обожувани во иднина, дури и да ги обожува едно лице на светот, мора да се уништат. Без разлика дали тоа ќе го направиме ние, или некои други. Наша должност е да ги уништиме, - рече тој.

Национална гордост

Но, египетското фараонско наследство не е само национална гордост на многу Египќани, туку и извор на голем приход од милиони туристи кои ја посетуваат земјата секоја година. Мнозинството граѓани сметаат дека ова е само начин да се оттргне вниманието на вистинските проблеми во земјата.

- Прашањето за уништување на пирамидите е непродуктивна расправа. Наместо тоа, нека зборуваат за сиромашните. Нека погледнат во реалноста и на работите кои мораме да ги развиваме. Но, кога се работи за пирамидите, тие се гробници на фараоните. Во исламот не е дозволено да се сквернават гробови. И ако проблемот е тоа што луѓето ги обожуваат, морам да прашам - зарем има некој кој навистина обожува пирамиди? - рече еден Египќанец.

- Неприфатливо е кој било да ја уништува цивилизацијата на својата земја, или сопствената историја. Тие кои немаат минато, немаат ни иднина - рече негов сограѓанин. Египќаните кои се занимаваат со туризам изразија загриженост дека новата власт ќе воведе рестрикции за странски туристи, кои ќе ги избрка, како на пример забраната на алкохол или нови правила на облекување.

Волја на исламската заедница

Но, Муслиманското братство ги негираше тие тврдења. И селефиските партии се оградија од изјавите на некои свои членови, како таа на Ал-Гохари. Но, ако тоа биде волја на Исламската зедница таа мора да се почитува, вели Мохамед Хамди, водач на една верска програма. - Не се согласувам со уништување на што било. Но, сакам да повторам: ако Исламската заедница нешто одлучи, или смета дека нешто е штетно и бара тоа да се уништи, тогаш така треба и да биде. Ако нешто негативно влијае на моето верување, тогаш тоа е поважно од што било друго - рече тој.

Мнозинството Египќани се уште се навикнуваат на расправите за политичките и општествените прашања кои беа забранети во време на владеењето на Мубарак. Но, уништувањето на највредното наследство на земјата за мнозинството граѓани е неприфатливо.

 текстот е преземен од Ал Џазеира - Сараево

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »